Фото: ЕПА

Вкупно 6,46 милијарди долари за рекордни 11.000 меѓународни трансфери се вкупните вложувања во машкиот професионален фудбал за време на летниот преоден рок годинава, а рекордни 6,8 милиони долари за вкупно 1.125 меѓународни трансфери се забележани во женскиот професионален фудбал, пишува ФИФА

АНАЛИЗА НА ФИФА ЗА ЛЕТНИОТ ПРЕОДЕН РОК

Бројот на меѓународни трансфери достигна ново рекордно високо ниво, со повеќе од 12.000 трансфери во машкиот и во женскиот професионален фудбал во текот на летниот преоден рок во 2024 година, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Вкупно 6,46 милијарди долари се вкупните вложувања за меѓународни трансфери во машкиот професионален фудбал за време на летниот преоден рок годинава, втора најголема сума досега (7,43 милијарди лани), а направени се 11.000 меѓународни трансфери, што е нов рекорд, за 4,9 отсто повеќе во споредба со истиот период во минатата година, пишува ФИФА.
Во просек, клубовите потрошиле околу 2,98 милиони долари за секој трансфер што вклучувал обесштетување (3,68 милиони лани), а нешто повеќе од 20 отсто од сите трансфери реализирани низ светот вклучуваа таков надомест, пишува Светската фудбалска федерација.
На табелите на Светската фудбалска федерација, Англија води според бројот на ангажирани фудбалери, 526 (следуваат Бразил со 412, Португалија со 394…) и заминати играчи во странство, со 523 (потоа се Бразил 469, Шпанија 454…), како и според вложените суми, 1,69 милијарда долари (потоа се Италија со 825 милиони долари, Франција со 697…) и заработените пари со 1,25 милијарда долари (следуваат Франција со 756 милиони, Шпанија со 556…) од трансферите летово.
Рекордни 6,8 милиони долари се вложени за меѓународни трансфери во женскиот професионален фудбал за време на годинашниот летен преоден рок, повеќе од двапати од истиот период во минатата година, за вкупно 1.125 меѓународни трансфери, повеќе за 31,9 процент во споредба со истиот период лани, пишува ФИФА.
Според анализата на Светската фудбалска федерација, според бројот на ангажирани фудбалерки водат САД со 128 (Шпанија 84, Англија 63…), според заминати фудбалерки во странство први се Англија и Шпанија со по 76, Англија е на врвот според вкупно вложените суми, со 2,33 милиони долари (потоа се Шпанија со 1,35 милион долари, САД со 1,14…), а според заработените пари на првото место е Франција со 1,1 милион долари (следуваат Англија со еден милион, Португалија со 811 илјади долари…) од трансферите во летниот преоден рок. Н.М.