Фото: ЕПА

Со победата над Аталанта (2-0), кралскиот клуб стана рекордер во ова натпреварување со вкупно шест освоени трофеи, еден повеќе од Милан и Барселона

ФУДБАЛ – СУПЕРКУП НА ЕВРОПА

Шпанскиот клуб Реал Мадрид (освојувачот на Лигата на шампионите минатата сезона) со 2-0 го победи италијанскиот претставник Аталанта (освојувач на Лигата на Европа минатата сезона) во Суперкупот на УЕФА, кој пред почетокот на новата сезона се одигра во Варшава (Полска), и со тоа стана рекордер со вкупно шест освоени трофеи во Суперкупот на Европа. Реал Мадрид на тој начин го освои и првиот европски трофеј во новата натпреварувачка сезона, со головите на Уругваецот Федерико Валверде (59 минута) и францускиот фудбалер Килијан Мбапе (66 минута), кој патем и дебитира за славниот кралски клуб.
Аталанта, клубот од Бергамо, која во мај годинава го постигна најголемиот успех во својата историја победувајќи го во Даблин со 3-0 бундеслигашот Баер Леверкузен, сепак не успеа да му се спротистави на славниот шпански клуб и да приреди уште едно пријатно изненадување.
Реал Мадрид, пак, со овој триумф над Аталанта се издвои на врвот на листата на клубови со најмногу освоени суперкупови, пред Милан и Барселона, кои имаат по еден помалку. За искусниот хрватски репрезентативец, пак, Лука Модриќ (38), ова беше 27-от освоен трофеј по доаѓањето во Мадрид. Дотогаш тој беше израмнет со Начо Фернандез (34) на вечната листа на најтрофејни играчи, но искусниот дефанзивец летово го напушти Мадрид, па Модриќ сега е осамен на врвот во шпанскиот клуб. Хрватот со Реал Мадрид триумфира шест пати во ЛШ, четири пати во првенството на Шпанија, двапати го подигна пехарот во Купот на Шпанија и по пет пати славеше на Светското клупско првенство, Суперкупот на УЕФА и Суперкупот на Шпанија. Модриќ досега за Реал Мадрид одиграл 535 натпревари, при што постигнал 39 гола и имал 86 асистенции.

Во историска ноќ за клубот од Мадрид и неговите навивачи, покрај Модриќ, рекорд собори и стратегот на мадриѓаните Карло Анчелоти (65). Италијанскиот стручњак седеше на клупата на Реал од 2013 до 2015 година, а повторно го презеде во 2021 година. Со последниот освоен трофеј, вкупно14-ти, трет во Суперкупот (2014, 2022, 2024), но и вкупно петти, откако двапати го водеше Милан до победa во Суперкупот (2003, 2007), тој стана тренер што најмногу пати го подигнал овој трофеј. Анчелоти досега беше израмнет со Шпанецот Пеп Гвардиола, кој во овој куп славеше со Барселона во 2009 и 2011, со германски Баерн Минхен во 2013 и годинава со премиерлигашот Манчестер Сити. Ниту еден тренер во историјата на Реал Мадрид сега нема повеќе трофеи од Анчелоти во Суперкупот. Тој и легендарниот Мигел Муњоз, кој го предводеше Реал во 1959 година, а потоа и од 1960 до 1974 година, имаат освоено по 14 трофеи.
Муњоз, тренерот со најдолг стаж во историјата на Реал Мадрид, освоил девет титули во шпанското национално првенство, двапати го предводел клубот до врвот во Купот на Европа и Купот на шпанскиот крал, а бил победник и на поранешниот Интернационалниот куп. Анчелоти има освоено по три трофеи во ЛШ и Суперкупот на УЕФА, а по два во Ла лига, Купот на шпанскиот крал, Суперкупот на Шпанија и Светското клупско првенство.

– Чест и привилегија е да се доживеат вакви моменти. Малку се мачевме во првото полувреме, оти Аталанта добро притискаше и се бранеше. Во вториот дел, кога тие се уморија, добивме повеќе простор, а со тој простор Родриго, Винисиус и Мбапе станаа многу опасни. Мбапе има квалитет, но мора да најдеме баланс во тимот. Денеска го имавме иако беше тешко во првото полувреме, но одигравме одлично во одбраната – рече по мечот стратегот на мадриѓаните, Анчелоти. Г.И.