Актуелниот континентален првак Реал Мадрид е единствен со двоцифен број европски титули, на Атлетико му недостига трофеј во ЛШ за да стане шестиот клуб што победил во три најголеми европски купа, меѓу кои е и Челси, кој има можност преку Конференциската лига прв да триумфира во секое големо клупско натпреварување организирано од УЕФА…

ФУДБАЛ – НЕДЕЛАВА ПРВИ МЕЧЕВИ ВО ОСМИНАФИНАЛИЊАТА НА ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ

Неделава почнува осминафиналната рунда на Лигата на шампионите (ЛШ), во која Реал Мадрид тргнува кон нов рекорд, 16-та европска титула, шест тима се во трка за првиот пехар за континентален фудбалски првак, а од нив Атлетико Мадрид и за влез во елитен трофеен клуб. Осминафинални мечеви на програмата се и во Лига Европа и во Конференциската лига, во кои настапуваат и неколку поранешни европски шампиони, меѓу кои Челси, кој може да стигне до историски триумф.
Актуелниот европски првак Реал Мадрид за влез во четврт-финалето ќе се сретне со градскиот ривал Атлетико. Реал Мадрид е најтрофеен, со 15 европски титули, единствен е со двоцифен број победи во најсилното европско клупско натпреварување и сезонава може да го зголеми европскиот рекорд. На Атлетико, пак, му недостига европска титула за да стане шестиот клуб што победил во три од најголемите купови на Европската фудбалска унија (УЕФА), ЛШ (порано Куп на шампионите), некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК), кој во 1999 година се спои со тогашниот Куп на УЕФА, и Лига Европа (порано Куп на УЕФА). Атлетико Мадрид досега трипати триумфира во Лига Европа, и тоа во 2010, 2012 и во 2018 година, и еднаш во КПК, во 1962 година, а има и три пехари од Суперкупот на УЕФА, во годините кога победи во Лига Европа.
Пехари во тие три европски купа освоија Јувентус (прв го комплетира тој трофеен хет-трик), Ајакс, Баерн, Челси и Манчестер јунајтед. Сите пет клуба победија и во Суперкупот на УЕФА, а во своите витрини имаат и светски клупски титули.
Од осминафиналистите сезонава, за нова европска титула играат Реал Мадрид, Ливерпул, Астон вила, ПСВ Ајндховен, Бенфика, Барселона, Борусија Дортмунд, Баерн, Феенорд и Интер, за прв континентален трофеј се натпреваруваат Атлетико Мадрид, Пари сен Жермен, Баер и Арсенал, а Клуб Бриж и Лил играат за прв голем пехар во натпреварите на Европската фудбалска унија. Во осминафиналето има два натпревари на некогашни европски шампиони, и тоа Бенфика – Барселона и Феенорд – Интер, уште еден дуел на клубови од иста земја, Баерн – Баер, средба на водечките тимови во две од петте најсилни европски домашни фудбалски првенства, Пари сен Жермен – Ливерпул…

Со ждрепката пред десетина дена беа одредени и двојките и за четврт-финалето и за полуфиналето на Лигата на шампионите, па така, на пример, во финалето во Минхен (Германија) еден финалист ќе биде еден од овие осум тима, ПСВ Ајндховен, Арсенал, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Пари сен Жермен, Ливерпул, Клуб Бриж или Астон вила, а другиот финалист ќе биде еден клуб од другите осум осминафиналисти, Бенфика, Барселона, Борусија Дортмунд, Лил, Баерн, Баер, Феенорд или Интер.
Неделава, со натпреварите во сите три купа, продолжува и трката и за двете дополнителни места во Лигата на шампионите за идната сезона, кои ќе ги добијат двете земји со најдобар вкупен ефект на тимовите во сите европски клупски натпреварувања сезонава, за што се сметаат сите резултати и сите пласмани на клубовите во Лигата на шампионите, Лига Европа и во Конференциската лига.
Со воведувањето на новото натпреварување на УЕФА, Конференциската лига, од сезоната 2021/2022, Челси сезонава има можност да стане првиот што победил во секое големо клупско натпреварување организирано од УЕФА. Клубот од Лондон, кој во лигашкиот дел на Конференциската лига победи во сите шест меча и сега е во осминафиналето, претходно ги освои трофеите во Лигата на шампионите (во 2012 и во 2021 година), во КПК (1971 и 1998) и во Лига Европа (2013 и 2018 г.). Челси, кој има и пехари од Суперкупот на УЕФА (1998 и 2021 година), е единствениот што секој од овие четири трофеи на Европската фудбалска унија го освоил повеќе од еднаш. Н.М.


Осум од осминафиналистите во европските купови ќе играат на СП

Вкупно седум клуба од осминафиналето на годинашната фудбалска Лига на шампионите (ЛШ) и еден од Конференциската лига (КЛ) ќе настапат летово на првото проширено клупско Светско првенство (СП) во САД. Така, од осминафиналистите во ЛШ сезонава на годинашниот клупски Мундијал ќе играат Реал Мадрид, Баерн, Пари сен Жермен, Интер, Бенфика, Борусија Дортмунд и Атлетико Мадрид. Од Европа на СП 2025 ќе настапат и Челси (осминафиналист во Конференциската лига), Манчестер сити, Порто, Јувентус и Салцбург. Н.М.


КЛУБОВИ ШТО ОСВОИЈА ТРОФЕИ ВО СИТЕ ГОЛЕМИ КУПОВИ НА УЕФА

Јувентус 2 1 3 2
Ајакс 4 1 1 2
Баерн 6 1 1 2
Челси 2 2 2 2
Манчестер ј. 3 1 1 1
колоните се пехарите во Лигата на шампионите, Купот на победниците на куповите, Лига Европа и во Суперкупот на УЕФА

КОЈ ЌЕ ИГРА ВО МЕЧОТ ЗА ЕВРОПСКАТА ТИТУЛА?
Финалист 1: ПСВ Ајндховен, Арсенал, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Пари сен Жермен, Ливерпул, Клуб Бриж или Астон вила
Финалист 2: Бенфика, Барселона, Борусија Дортмунд, Лил, Баерн, Баер, Феенорд или Интер

ОСМИНАФИНАЛЕ ВО ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ, ПРВИ МЕЧЕВИ
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Клуб Бриж – Астон вила утре, 18.45 ч.
Реал М. – Атлетико М. утре, 21 ч.
ПСВ Ајндховен – Арсенал утре, 21 ч.
Борусија Д. – Лил утре, 21 ч.
Феенорд – Интер среда, 18.45 ч.
ПСЖ – Ливерпул среда, 21 ч.
Бенфика – Барселона среда, 21 ч.
Баерн – Баер среда, 21 ч.

ЛИГА ЕВРОПА
Сосиедад – Манчестер ј. 6 март
ФЦСБ – Лион 6 март
Фенербахче – Ренџерс 6 март
АЗ – Тотенхем 6 март
Плзен – Лацио 6 март
Бодо – Олимпијакос 6 март
Ајакс – Ајнтрахт 6 март
Рома – Атлетик Б. 6 март
Првите четири меча се од 18.45 часот, а вторите четири се од 21 ч.

КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
Панатинаикос – Фиорентина 6 март
Бетис – Виторија 6 март
Молде – Легија 6 март
Копенхаген – Челси 6 март
Јагиелонија – Серкл Бриж 6 март
Целје – Лугано 6 март
Пафос – Ѓургарден 6 март
Борац БЛ – Рапид В. 6 март
Првите четири меча се од 18.45 часот, а вторите четири се од 21 ч. Реваншите во сите три натпреварувања се идната недела