Алексија Путејас ја одбрани титулата, Лионел Меси седми пат ја освои наградата во избор на ФИФА, третпат признание доби Сарина Вигман, а првпат Мери Ерпс, Емилијано Мартинез и Лионел Скалони
ФУДБАЛ – ИЗБОР НА ФИФА ЗА 2022 ГОДИНА
Алексија Путејас (Шпанија) и Лионел Меси (Аргентина) одново се прогласени за најдобри играчи во изборот за наградите „најдобар“ на Светската фудбалска федерација (ФИФА), овој пат за 2022 година. Путејас ваква награда доби и за 2021 година, а Меси во 2019 година. Меси, кој во изборите во организација на ФИФА (во еден период и заедно со магазинот „Франс фудбал“) освои уште пет вакви трофеи, ја предводеше Аргентина до титулата на Светското првенство во 2022 година, а Путејас со Барселона ја освои третата последователна титула во лигата.
Мери Ерпс беше избрана за најдобра голманка по освоената европска титула со Англија, а Аргентинецот Емилијано Мартинез ја доби наградата за најдобар голман. Меѓу тренерите признанијата ги освоија селекторката на Англија, Холанѓанката Сарина Вигман (победи во овој избор и во 2017 и во 2020 година), и селекторот на Аргентина, Лионел Скалони.
Марцин Олекси ја освои наградата „Пушкаш“ за најдобар гол на годината. Грузискиот играч Лука Лочошвили ја доби наградата за ферплеј како признание за неговата примерна реакција додека играше за Волфсбергер кога противнички играч падна во несвест на теренот и Лука притрча да му помогне, пишува ФИФА. Аргентинските навивачи добија признание за нивната поддршка на националниот тим за време на Светското првенство, на кое имаше импресивен број патувања во Катар и милиони навивачи потоа ги пречекаа своите репрезентативците во Буенос Аирес и низ целата земја, пишува ФИФА.
Добитниците на наградите за најдобар играч, голман и тренер беа одредени преку гласање во кој четири групи имаа еднаков збор: фудбалските навивачи, претставници на медиумите и капитените и селекторите на репрезентации од целиот свет. Н.М.