Ова ќе биде првпат, по натпреварот меѓу Порто и Монако во 2004 година, во финале на Лигата на шампионите да нема екипа од Шпанија, Англија или од Германија. Во финалето ПСЖ ќе игра против Интер
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Фудбалерите на француски ПСЖ се пласираа во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ), откако по вторпат го совладаа лондонски Арсенал, но сега во Париз со 2-1 или вкупни 3-1. Во големото финале ПСЖ ќе игра против италијански Интер на 31 мај во Минхен, Германија. Во првиот натпревар во Лондон, ПСЖ победи со 1-0, а единствениот гол го постигна Осман Дембеле, додека Фабијан Руиз и Акраф Хакими ги постигнаа головите во реваншот во Париз, а Букајо Сака го даде утешниот гол за „топџиите“. Клубот од Париз беше кошмар за играчите од Премиер-лигата оваа сезона. Во нокаут-фазата претходно ги елиминираше новиот англиски шампион Ливерпул (осминафинале) и Астон Вила (четврт-финале), а во првата фаза го победи и Манчестер сити.
Ова ќе биде првпат по мечот меѓу Порто и Монако во 2004 година, во финалето на ЛШ да нема екипа од Шпанија, Англија или од Германија. Тоа е трофејот што им избега на 13-кратните француски шампиони, кои стигнаа до финалето во сезоната 2019-2020, но беа поразени од Баерн Минхен. Но под водство на стратегот Луис Енрике, ПСЖ постигна рамнотежа меѓу ѕвезден квалитет, заедништво и напорна работа.
– Требаше да биде 3-0 по 20 минути игра, а не беше. Во ова натпреварување ви треба нешто дополнително, а ние го немавме. Бевме блиску во текот на двата натпревара, но не го направивме тоа. Мислам дека немаше подобар тим во натпреварувањето од Арсенал, но ние испаднавме. Ова натпреварување е за стрелци и голмани. Во текот на двата натпревара, најдобриот играч на теренот беше нивниот голман, тој ја направи разликата – рече тренерот на Арсенал, Микел Артета, пренесе „Би-би-си“.
Тренерот на ПСЖ не се согласува со ваквата констатација на Артета.
– Микел Артета ми е добар пријател, но воопшто не се согласувам со него. Тие играа паметно, го доведоа натпреварот во вистинскиот момент за нив, затоа што играа онака како што сакаа и како што им се допаѓа. Но во два дуела постигнавме повеќе голови од нив и тоа е најважното нешто во фудбалот – рече Енрике, а пренесе „Би-би-си“.
ПСЖ загуби пет натпревари на патот до финалето на Лигата на шампионите, но пронајдоа начин да победат кога е важно.
– Тие се млади француски играчи, а навивачите се идентификуваат со нив. Тие се вистински тим и заслужуваат да бидат во финалето – рече поранешниот англиски фудбалер Овен Харгривс за „ТНТ спортс“.
Нивната победа во полуфиналето во голема мера е благодарение на нивните динамични бекови, Ашраф Хакими, кој беше прогласен за играч на натпреварот во двата меча и постигна прекрасен гол и Нуно Мендес. Нивната енергија по крилата секогаш му даваше на ПСЖ опции во нападот, додека нивната брзина за враќање во дефанзивна форма беше еднакво импресивна. Енрике го извлече најдоброто од својот млад тим со Усман Дембеле, кој даде 12 гола во ЛШ сезонава, најмногу досега од играч на ПСЖ во една сезона, како и Дезир Дуе и Хвича Кваратскелиа, кои му се придружија во нападот.
Прашањата околу тоа дали ПСЖ некогаш ќе ја освои титулата во ЛШ се интензивираа со заминувањата на Нејмар и Меси во 2023 година, пред трансферот на Мбапе во Реал Мадрид лани, со што многумина целосно го отпишаа францускиот тим. Наместо тоа, Мбапе ќе го гледа својот поранешен тим како се натпреварува во финалето против Интер, откако неговиот сегашен тим беше елиминиран во четврт-финалето од Арсенал.
– ПСЖ ги немаат Нејмар, Меси, Мбапе, сите се надвор од клубот, но сега се комплетен тим. Не сум видел напаѓачи што работат толку напорно – рече поранешниот англиски фудбалер Мартин Кион за „ТНТ спортс“.
Свој став даде и францускиот фудбалски експерт Жулиен Лорен.
– Ова е прекрасен тим на ПСЖ, со младост, многу енергија и интензитет. Во тројката во нападот, дури и без Дембеле, што беше голем удар за нив, ја гледате флуидноста и енергијата што ја носат. Тие се супердоминантни од почетокот на годината. На крајот, тие се најдобриот тим во Европа во 2025 година – рече Лорен за „ТНТ спортс“. Г.И.