Износот се зголемува колку што репрезентациите ќе напредуваат на турнирот, па 23-те фудбалерки што ќе ја освојат титулата ќе добијат по 270.000 долари
Светската фудбалска федерација (ФИФА) го зголеми наградниот фонд за Светското првенство за фудбалерки годинава во Австралија и во Нов Зеланд (почнува на 20 јули) за повеќе од трипати од оној на шампионатот во 2019 година во Франција. Но, повеќе од тоа, управното тело на фудбалот објави дека дел од тие средства треба да им се исплатат директно на фудбалерките, сите 732, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Така, секоја фудбалерка ќе заработи најмалку 30.000 долари, а износот се зголемува колку што репрезентациите ќе напредуваат на турнирот, па 23-те фудбалерки што ќе ја освојат титулата ќе добијат по 270.000 долари. Тоа е значајно за многу од играчите, кои во некои случаи немаат клубови што плаќаат плати, се полупрофесионалки или дури и аматери, а ФИФА објави извештај минатата година во кој се вели дека просечната плата за фудбалерките е 14.000 долари годишно, пишува АП.
– Имаме уште многу начини да одиме напред, но огромно е тоа што се насочуваат плаќањата кон играчите. Да се дојде до тоа секој играч да заработи 30.000 долари е огромно затоа што обично тие пари одат во федерациите и тие играчи не гледаат ниту дел или голем дел од тие пари – рече Алекс Морган од репрезентацијата на САД, пренесе АП.
Одреден е фондот од 152 милиони долари, за паричните награди, подготовката на селекциите и исплатите на клубовите на фудбалерките. Тоа е големо зголемување од Светското првенство за фудбалерки во Франција во 2019 година, кое имаше фонд од 40 милиони долари, со парична награда од 30 милиони долари. Наградниот фонд за Светското првенство за мажи лани беше 440 милиони долари, а репрезентациите што испаднаа по групната фаза заработија по девет милиони долари, пишува АП.
Претходно годинава, Џани Инфантино, претседателот на ФИФА, рече дека крајната цел е еднаквост помеѓу мажите и жените до Светското првенство за мажи во 2026 година и женското издание во 2027 година, пишува АП.
Наградниот фонд ги опфаќа сите репрезентации учесници на годинашното Светско првенство, па селекциите што ќе играат само во групната фаза ќе добијат вкупно по околу 2,25 милиони долари од ФИФА, од тоа по 690.000 долари за споделување меѓу фудбалерките и по околу 1,56 милион долари за федерацијата. ФИФА ќе ѝ плати 10,5 милиони долари на репрезентацијата што ќе ја освои светската титула. Поголемиот дел од тоа, 6,21 милиони долари, ќе бидат распределени меѓу фудбалерките, а другите 4,29 милиони ќе одат за федерацијата.