Одигравме квалитетен меч против силен противник и навистина ми е задоволство што работам со вакви фудбалери. Сите се адаптираат на новата формација и задачите, рече селекторот Милевски
ФУДБАЛ – ПО ПОРАЗОТ НА МАКЕДОНИЈА ОД САУДИСКА АРАБИЈА ВО ПРИЈАТЕЛСКИ НАТПРЕВАР ВО ПРАГА
Македонската сениорска фудбалска репрезентација пред околу 2.000 гледачи загуби во пријателски меч со 1-2 од Саудиска Арабија во чешкиот град Прага, откако на полувремето беше 1-1, а во рамките на подготовките за мечот со Лихтенштајн во 5. коло од квалификациите за Светско првенство (СП) во 2026 година, кој ќе се игра утре (18 ч.) на стадионот „Тодор Проески“ во Скопје. По 10 натпревари, ова беше прв пораз на избраниците на македонскиот селектор Благоја Милевски, по пријателскиот дуел на гости од Чешка во 2024 година. Македонија експериментираше со Саудиска Арабија, па мечот го почна со изменет состав.
Црвено-жолтите поведоа со 1-0, со атрактивниот гол („ножички“) на Александар Трајковски, еден од најубавите што се постигнати досега во националниот дрес. Саудијците во 45-та минута преку Ал Бураикан успеаја да израмнат, а победоносниот гол го постигнаа преку Ал Хамдан во 78-та минута. Ова беше трет дуел со Саудиска Арабија. Првиот во Ријад во 2001 година заврши без победник (1-1), додека во вториот дуел во Абу Даби во 2022 година Македонија го загуби со 0-1.
– Има многу моменти од кои сум задоволен, особено затоа што експериментиравме со составот. Добивме уште двајца играчи што ќе ја засилат конкуренцијата во тимот. Веќе нагласив дека натпреварот со Лихтенштајн е од големо значење за нас, а сè друго служи како подготовка. Одигравме квалитетен меч против силен противник и навистина ми е задоволство што работам со вакви фудбалери. Сите се адаптираат на новата формација и задачите. Против Лихтенштајн ќе бидеме максимално мотивирани, како што сме на секој натпревар – изјави селекторот Милевски.
Од другите дуели во групата Ј, каде што е Македонија, Белгија го декласира на гости аутсајдерот Лихтенхштајн со 6-0, што е нивна втора победа во квалификацискиот циклус за СП. А мошне значајна победа оствари селекцијата на Велс, која на гости во Астана минимално со 1-0 славеше над Казахстан, кому, пак, ова му беше трет пораз. Единствениот гол во 24-та минута го постигна Кифер Мур. На табелата во оваа групата води Велс со 10 бода, Македонија има осум, а Белгија седум, Казахстан три, а без бодови е Лихтенштајн. Г.И.
Група Ј, резултати
Лихтенштајн – Белгија 0-6
Казахстан – Велс 0-1
Македонија – Лихтенштајн (недела)
Белгија – Казахстан (недела)
Велс 5 3 1 1 10
Македонија 4 2 2 0 8
Белгија 3 2 1 0 7
Казахстан 4 1 0 3 3
Лихтенштајн 4 0 0 4 0