ФУДБАЛ
Првпат програмата директно ќе ги награди сите клубови што ќе ослободат фудбалери за настап во квалификациите за пласман на СП 2026. Вкупниот износ е 355 милиони долари, речиси 70 отсто повеќе во споредба со претходното издание. Програмата за клупски бенефиции на ФИФА е дел од обновениот меморандум за разбирање потпишан од ФИФА и од Европската клупска асоцијација
Повеќе клубови од кога било досега ќе имаат корист од Светското првенство (СП) в година бидејќи Светската фудбалска федерација (ФИФА) се подготвува да имплементира подобрено издание на Програмата на ФИФА за клупски бенефиции за СП 2026, објави ФИФА.
Според обновениот меморандум за разбирање потпишан од Светската фудбалска федерација и од Европската клупска асоцијација (EЦA) во март 2023 година, клубовите што ќе ослободат играчи за настап на Светското првенство во 2026 година ќе имаат корист од вкупно 355 милиони долари.
Првпат од неговото основање, принципите за распределба се приспособени за да овозможат секој клуб чии играчи директно учествуваат или во квалификациите за Светското првенство во 2026 година или на финалниот турнир да добијат дел од фондот за солидарност, пишува ФИФА. Овој нов пристап значи дека секој клуб што ослободува фудбалер за настап во квалификациите за Мундијалот в година сега ќе биде директно компензиран за тоа ослободување, што е дополнителен чекор за зголемување на солидарноста насочена кон обезбедување пофер и поинклузивна прераспределба низ целиот глобален клупски фудбал.
– Подобреното издание на Програмата на ФИФА за бенефиции на клубовите за Светското првенство во 2026 година оди чекор понатаму со тоа што финансиски го признава огромниот придонес што толку многу клубови и нивните играчи низ светот го даваат за организирањето и на квалификациите и на финалниот турнир. Рекордни 355 милиони долари ќе бидат распределени на клубовите за ослободување на нивните фудбалери, а ова ја зајакнува нашата цврста соработка со Европската клупска асоцијација и со клубовите низ светот, бидејќи сите со нетрпение очекуваме револуционерно и глобално инклузивно издание на Светското првенство в година – рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, пренесе Светската фудбалска федерација.
Понатамошни детали за моделот на дистрибуција ќе бидат дадени навреме, вклучително и процесот на регистрација за клубовите да ја поднесат својата апликација, пишува ФИФА.
Со четвртото издание на Програмата на ФИФА за клупски бенефиции, кое беше имплементирано за Светското првенство во 2022 година, беа распределени 209 милиони долари меѓу 440 клуба од 51 асоцијација членка на Светската фудбалска федерација во сите шест конфедерации. Н.М.