Фото: „Нова Македонија“

Системот фудбалска видеоподдршка (ФВП) им дава можност на тренерите да побараат до две проверки на одлуки по меч. „Да се појасни, ФВП не е ВАР, особено во однос на очекувањата. Поради ограничениот број камери, ФВП нема да може да го покаже тоа што може да го покаже ВАР. Тоа ја прави важна и одлуката на теренот. ФВП е дизајниран да работи со ограничена поставеност на камери, идеално до четири-пет, вели за ЕСПН Пјерлуиџи Колина, претседател на Комитетот за судии на ФИФА

ФУДБАЛ

Интернационалниот фудбалски борд (ИФАБ) го одржа својот годишен состанок во Лондон, на кој главен фокус беше поддршката за системот фудбалска видеоподдршка (ФВП), како исплатлива алтернатива на системот видеопомошник-судија (ВАР). На состанокот се разгледуваа и други тековни тестирања, вклучувајќи ги и оние што имаат цел да го намалат губењето време и да го подобрат однесувањето на учесниците на натпреварите, информира Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Членовите на ИФАБ беа информирани и за напредокот постигнат со две тестирања, првото се однесуваше на голманите што ја држат топката предолго, а второто за ситуации во кои само капитенот може да комуницира со судијата за да ги заштити официјалните лица на натпреварот. Учесниците на состанокот ја нагласија важноста организаторите, играчите и официјалните лица да работат заеднички за да се придржуваат до овие упатства.
Според правилата, голман може да ја контролира топката со раце не повеќе од шест секунди пред да ја пушти во игра, а прекршок на ова правило се казнува со индиректен слободен удар, пишува ИФАБ на својата интернет-страница. Во натпреварувањата во кои се тестира ново правило, судијата ќе почне да одбројува осум секунди кога голманот има јасна контрола над топката со раце, ако има прекршок, ќе има два начина да продолжи мечот (натпреварувањата што учествуваат во тестирањето треба да одлучат да користат само еден), удар од аголот или изведување аут (во линија со белата точка), а голманот ќе биде предупреден за првиот прекршок и ќе му биде покажан жолт картон за секој последователен прекршок, пишува ИФАБ.
Системот фудбалска видеоподдршка, кој се користеше годинава на светските првенства за фудбалерки до 20 и до 17 години, првично доби зелено светло за тестирање од ИФАБ во март како исплатлива алтернатива на ВАР, пишува ЕСПН. Наместо прегледите да бидат надгледувани и контролирани само од страна на службено лице што дејствува како видеопомошник-судија, системот фудбалска видеоподдршка им дава можност на тренерите да побараат до две проверки на одлуки по меч, ако почувствуваат дека е направена грешка. Во моментов овој систем е наменет само за употреба во лиги со помалку ресурси, идеално со не повеќе од четири камери, пишува ЕСПН.

– Ние сме на почетокот на тестирањата и искуствата од светските првенства за фудбалерки ќе бидат внимателно анализирани, но досега не забележавме ништо неочекувано Неколку земји членки на ФИФА веќе покажаа интерес да учествуваат во тестирањето. Да се појасни, ФВП не е ВАР, особено во однос на очекувањата. Поради ограничениот број камери, системот фудбалска видеоподдршка нема да може да го покаже тоа што може да го покаже ВАР. Офсајдот е пример. Без правилно поставени камери, може да се забележи само чист офсајд. Тоа ја прави важна и одлуката на теренот. ФВП е дизајниран да работи со ограничена поставеност на камери, идеално до четири-пет. Со повеќе камери, проверувањето на целата снимка и достапните агли може да стане многу долго, бидејќи, и различно од ВАР, нема официјални лица за видео на натпреварот, кои ги избираат тие снимки за да ги види судијата – рече во ноември за ЕСПН Пјерлуиџи Колина, претседател на Комитетот за судии на ФИФА.
Со ФВП тренерот ја оспорува одлуката и судијата потоа оди на страната на теренот за да види повторување на ситуацијата. За разлика од ВАР, постои само оператор за повторување што го пушта видеото. Тогаш судијата на натпреварот сам ја проценува сопствената одлука и не му е однапред кажано дека направил јасна и очигледна грешка, пишува ЕСПН.
Беа одржани презентации и на други теми, меѓу кои испитувања што вклучуваат јавни објави по долги проверки на ВАР, развојот на настаните во однос на полуавтоматизираната офсајд-технологија и истражување на употребата на камери за телото на судијата од ФИФА. ФИФА исто така информира за нејзината кампања за ситуации со можен потрес на мозокот, која се усвојува од сѐ поголем број асоцијации членки на ФИФА. До денес повеќе од половина од 211-те здруженија членки на ФИФА ги презедоа алатките за промовирање на свеста, беа спроведени или закажани медицински брифинзи низ сите конфедерации, а играчите добија ефективен тренинг за време на Светското првенство за фудбалерки до 17 години, пишува ФИФА. Н.М.