Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

  • Мбапе стана првиот со повеќе од еден хет-трик во ЛШ за два клуба, Кејн сега има 102 гола на 105 меча за Баерн (17 на девет средби сезонава, а 11 на претходните пет дуели), Гризман го постигна својот 200-ти гол за Атлетико, Мартинез е првиот играч на Интер со барем еден гол во седум изданија на ЛШ…

Килијан Мбапе и Хари Кејн избија на врвот на листата на стрелците во фудбалската Лига на шампионите по некомплетното второ коло, а голгетерски граници во вторникот надминаа и, на пример, Антоан Гризман и Лаутаро Мартинез.
Мбапе постигна хет-трик и стигна до 60 гола во ЛШ, во победата на Реал Мадрид на гости кај Каират со 5-0. Мбапе со 60. погодок го престигна поранешниот напаѓач на Баерн, Томас Милер, станувајќи шести најдобар стрелец во историјата на натпреварувањето, пишува „Би-би-си“. За капитенот на репрезентацијата на Франција тоа беше четврти хет-трик во ЛШ (по два за Пари сен Жермен и за Реал Мадрид) и стана првиот со барем два хет-трика за два клуба во најсилното европско клупско натпреварување, според податоците на Европската фудбалска унија (УЕФА). Најмногу мечеви во ЛШ со три постигнати гола на една средба, по осум, остварија Лионел Меси (сите за Барселона) и Кристијано Роналдо (седум за Реал Мадрид, еден за Јувентус), пишува УЕФА.
Кејн ја продолжи својата неверојатна серија голови со два погодока во победата на Баерн на гости кај Пафос со 5-1 во второто коло на ЛШ. Капитенот на репрезентацијата на Англија досега постигна 102 гола на 105 натпревари за германскиот гигант по неговиот трансфер од Тотенхем во август 2023 година. Кејн има 17 погодока на девет клупски натпревари сезонава, вклучувајќи 11 на претходните пет настапи, а Баерн сезонава победи во сите девет натпревари, постигнувајќи 35 гола, пишува „Би-би-си“.
Гризман, најдобриот стрелец на Атлетико Мадрид, го постигна својот 200-ти гол за тој клуб, во победата на дуелот дома со Ајнтрахт со 5-1. Лаутаро Мартинез забележа два погодока за Интер во победата на свој терен на мечот со Славија со 3-0, со што капетанот Мартинез стана првиот играч на Интер што постигнал барем еден гол во седум изданија на Лигата на шампионите (порано Куп на европските шампиони), пишува „Би-би-си“.
По мечевите завчера Мбапе поведе на листата на стрелците сезонава во Лигата на шампионите со пет гола, а Кејн е втор со четири. Првиот ден од второто коло беше ефикасен, со 33 погодока (3,67 по меч), со што сезонава во просек мрежите се тресеа 3,7 пати по натпревар (далеку највисок просек откако натпреварувањето се игра како Лига на шампионите).
ЛШ, второ коло: Аталанта – Клуб Бриж 2-1, Каират – Реал Мадрид 0-5, Марсеј – Ајакс 4-0, Интер – Славија 3-0, Челси – Бенфика 1-0, Галатасарај – Ливерпул 1-0, Пафос – Баерн 1-5, Бодо – Тотенхем 2-2, Атлетико Мадрид – Ајнтрахт 5-1. Синоќа играа: Карабах – Копенхаген Унион СЖ – Њукасл, Арсенал – Олимпијакос, Монако – Манчестер сити, Баер – ПСВ Ајндховен, Борусија Дортмунд – Атлетик Билбао, Барселона – Пари сен Жермен, Наполи – Спортинг, Вилјареал – Јувентус. Н.М.