Фото: ЕПА

Влезниците ќе бидат пуштени во продажба во фази, а првиот рок за аплицирање за извлекување ќе биде отворен на 10 септември

ФУДБАЛ – ФИФА

Светската фудбалска федерација (ФИФА) објави дека периодот за аплицирање за првото извлекување на билети за Светското првенство во 2026 година ќе почне на 10 септември годинава.
– По неверојатниот успех на клупското Светско првенство во САД, возбудата достигнува нови височини за Светското првенство во 2026 година. Со нетрпение очекуваме да го пречекаме светот назад во Северна Америка, бидејќи Канада, Мексико и САД ќе бидат домаќини на она што ќе биде најголемиот и најубав спортски настан досега. Ги охрабруваме навивачите насекаде да се подготват да го обезбедат своето место, ова ќе бидат најпосакуваните места во светскиот спорт – рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, пренесе Светската фудбалска федерација.
Миндијалот почнува на 11 јуни 2026 година, во Мексико Сити, а финалето на програмата е на 19 јули 2026 година, во Њу Џерси, кој успешно беше домаќин на финалето на клупското Светско првенство во неделата. Со очекувано присуство на 6,5 милиони гледачи, СП 2026 ќе биде најголемото светско првенство досега, на кое 48 репрезентации ќе одиграат 104 натпревари во трите земји домаќини.
Поради очекуваната голема побарувачка, билетите за фудбалското Светско првенство во 2026 година ќе се издаваат во фази. Гледачите треба да ја посетат интернет-страницата FIFA.com/tickets за да го регистрираат својот интерес, а таа регистрација на интерес им овозможува да бидат информирани за датумите за билетите, следните чекори и процеси, пишува Светската фудбалска федерација.
Ќе има неколку различни фази на продажба на билети од почетокот на продажбата на 10 септември 2025 година, па сѐ до финалето. Секоја фаза може да се разликува во процесите на купување, методите на плаќање и производите за билети, а сите детали за секоја фаза ќе бидат објавени во наредните месеци, објави ФИФА. Н.М.