ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА ДОДЕЛУВАЊЕTO НА „ЗЛАТНАТА ТОПКА 2025“
Осум дена до церемонијата за доделување на „златната топка 2025“, според шпанскиот весник „Марка“, Реал Мадрид и „Франс фудбал“ не успеале да ги воспостават односите по нивната расправија што предизвика големи проблеми лани за изборот на најдобар фудбалер
Присуството на шпанскиот клуб Реал Мадрид на церемонијата за доделување на „златната топка 2025“ повторно е под знак прашалник. Клубот не присуствуваше на оваа церемонија во 2024 година, во знак на протест поради тоа што Шпанецот Родри ја освои наградата пред Бразилецот Винисиус Жуниор. Реал Мадрид и „Франс фудбал“ сè уште не се помириле по нивната јавна расправија од лани, што наводно го натерало шпанскиот гигант повторно да ја пропушти церемонијата за доделување на „златната топка“. Само неколку часа пред да биде извикано името на Родри минатиот октомври, Реал Мадрид донесе контроверзна одлука да ја бојкотира оваа церемонија. Ниту еден играч, менаџер или претставник не присуствуваше откако дознаа дека Жуниор не ја освоил наградата „златна топка“ кај фудбалерите, пишува „Спортс илустрејтид“.
Сцената остана празна и кога тренерот Карло Анчелоти го освои трофејот „Јохан Кројф“ и кога Реал Мадрид беше прогласен за машки клуб на годината. Дури и Килијан Мбапе, кој му се приклучи на клубот тоа лето, не присуствуваше за примање на трофејот „Герд Милер“, кој го додели Хари Кејн.
Осум дена до церемонијата за доделување на „златната топка 2025“, според шпанскиот весник „Марка“, Реал Мадрид и „Франс фудбал“ не успеале да ги воспостават односите по нивната расправија што предизвика големи проблеми лани околу изборот на најдобар фудбалер. Шпанскиот медиум тврди дека „Франс фудбал“ дури испратил делегат во Мадрид во обид да ги обнови односите со шпанскиот гигант. Целта била да се постигне „разбирање“ пред церемонијата годинава на 22 септември, но состаноците на крајот биле неуспешни.
Шпанскиот весник „Марка“ објави и тоа дека 30 играчи се номинирани за наградата, од кои четворица од Реал Мадрид (Мбапе, Белингам, Жуниор за најдобар фудбалер и Тибо Куртоа за најдобар голман), а Каролин Вир од Реал Мадрид за најдобра фудбалерка. Досега девет играчи на Реал Мадрид ја имаат освоено наградата, која првпат беше доделена во 1956 година. Францускиот репрезентативец Усман Дембеле, играч на ПСЖ, годинава се смета за најголем фаворит за освојување на престижната награда. Г.И.