ФУДБАЛ
- Според податоците, досега во Европа трофеен хет-трик (европска титула и пехари во домашното првенство и во купот) освоиле девет клуба
Вкупно 19 тима од најсилните пет фудбалски првенства во Европа се во трка по барем три трофеи сезонава, домашни и меѓународни. Тие настапуваат во Лигата на шампионите (ЛШ) и се во трка за домашната титула и за купот на соодветната земја.
Четири екипи од Англија се во игра за четири титули, откако само во Англија се игра и лига-куп. Тоа се Арсенал, Челси, Манчестер сити и Њукасл, кои можат да освојат четири трофеи во една сезона. Тие настапуваат во ЛШ (по шест кола се на места што носат пласман во нокаут-рундата), во трка се за домашната титула, играат во англискиот ФА-куп и се полуфиналисти на лига-купот. Од нив, Арсенал е водечки во Лигата на шампионите и во Премиерлигата.
Од другите, во конкуренција за трофеен хет-трик се и Баерн, Баер, Реал Мадрид, Барселона, Атлетико Мадрид, Атлетик Билбао, Интер, Наполи, Аталанта, Јувентус, Пари сен Жермен, Марсеј, Монако, Тотенхем и Ливерпул, откако сите настапуваат во Лигата на шампионите и се во игра во куповите на соодветните земји. Во куповите во Германија и во Италија следува четврт-финалето, во Шпанија осминафиналето, во Франција шеснаесеттинафиналето, а во Англија третото коло.
Според податоците, досега во Европа трофеен хет-трик (европска титула и пехари во домашното првенство и куп) освоиле девет клуба, и тоа по двапати Барселона (во сезоните 2008/2009 и 2014/2015) и Баерн (2012/2013 и 2019/2020), а по еднаш Селтик (1966/1967), Ајакс (1971/1972), ПСВ Ајндховен (1987/1988), Манчестер јунајтед (1998/1999), Интер (2009/2010), Манчестер сити (2022/2023) и Пари сен Жермен (2024/2025).
Секако, секој од клубовите што сезонава се во трка по три трофеја, доколку освои домашен трофеј, ќе биде во игра и за уште еден пехар за сезонава, за фудбалскиот суперкуп на таа земја, а со титула во Лигата на шампионите ќе се натпреварува и за Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА), а потоа и за трофејот во Интерконтиненталниот куп на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Н.М.
































