Розети, шефот на судиите на УЕФА, рече дека биле покажани 35 жолти картони за тактички прекршоци за време на групната фаза во Германија, што е повеќе од четирикратно зголемување од осум во истата фаза на ЕП 2020. Вкупната стапка на жолти картони е 4,6 по натпревар наспроти 2,7 на минатиот турнир
ФУДБАЛ – ЕП 2024
Судиите што презедоа построги мерки за тактички прекршоци предизвикаа скок на покажани жолти картони на Европското првенство, изјави во петокот Робето Розети, шефот на судиите на Европската фудбалска унија (УЕФА), пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Правилото за прекин на разговорите со судијата го зголеми бројот на жолти картони на 166 за време на 36 натпревари во групната фаза, во споредба со 98 во истата фаза од претходното издание на ЕП.
Тактичките прекршоци ја разбиваат брзата контра на противникот за да го принудат судијата да ја прекине играта.
– Станува збор за жолти картони за запирање ветувачки напад. Судиите се повнимателни за овој вид тактички грешки – изјави Розети за новинарите на онлајн-брифингот.
Розети рече дека биле покажани 35 жолти картони за тактички прекршоци за време на групната фаза во Германија, што е повеќе од четирикратно зголемување од осум во истата фаза на ЕП 2020. Вкупната стапка на жолти картони е 4,6 по натпревар наспроти 2,7 на минатиот турнир.
УЕФА вети дека ќе им биде покажан жолт картон на играчите што го одбиле упатството пред турнирот дека само капитените треба да му пријдат на судијата за да разговараат за одлуката. УЕФА сакаше да избегне мобинг на тимовите и обиди за заплашување на официјалните лица на натпреварите, пишува АП.
Досега имало 19 жолти картони за несогласување, наспроти 10 во групната фаза на ЕП 2020. Розети прикажа видеоснимки од судиите, кои гестикулираат со продолжена и со крената рака за да ги предупредат играчите да се повлечат ако изгледаат подготвено да ја оспорат одлуката.
– Тоа е нов гест, силен, проактивен. Тоа вели: „Не доаѓај“ – рече Розети, италијански поранешен судија, чија кариера го достигна врвот кога го водеше финалето на ЕП 2008, пишува АП. Н.М.