Веб рече дека системот ВАР може да интервенира во ситуации на „екстремна нефудбалска акција“ каде што еден играч очигледно влече друг, дури и кога топката не е во близина, пишува „Ројтерс“
ПРЕМИЕР ЛИГА
Хауард Веб, главен оперативен директор на фудбалското судиско тело во Англија, им изјави на новинарите во четвртокот дека повратните информации од неодамнешното истражување на Премиер-лигата покажале „премногу“ јасни прекршоци за држење противници што остануваат неказнети и рече дека системот видеопомошник-судија (ВАР) може да интервенира во ситуации на „екстремна нефудбалска акција“ каде што еден играч очигледно влече друг, дури и кога топката не е во близина, пишува агенцијата „Ројтерс“.
– Би очекувал, ако седиме околу оваа маса следната година во ова време, да има повеќе пенали доделени за прекршоци за држење од она што го видовме (минатата сезона) – рече тој.
Веб вели дека уште ќе има „сиви зони каде што одлуката на судијата останува, каде што судијата вели ’не, тоа е мал допир, не влијае на неговата способност да ја движи топката, туку е меѓусебно држење‘“.
– Тоа ќе остане одлука на судијата. Кога нема размислувања за поддршка на одлуката на судијата, тогаш ќе очекуваме да се вклучи и ВАР – изјави Веб, пренесе „Ројтерс“.
Нотингем форест доби пенал, потврдена по проверка на ВАР, минатата сезона во победата со 7-0 над Брајтон кога Тарик Ламптеј го собори на земја капитенот на Форест, Морган Гибс-Вајт, а во последователното соопштение на Премиер-лигата се споменува „континуирано држење без обид за играње со топката“, пишува „Ројтерс“.
Судиското тело во Англија се обиде и претходно да ги намали држењата, но Веб рече дека овој пат пристапот ќе биде потраен.
– Ова не е замислено да биде двенеделна кампања, шестнеделна кампања, август и септември, а потоа да се заборави сѐ. Ако влезевме како парен воз и носевме одлука за секаков контакт, тогаш ќе беше шестнеделна кампања, бидејќи многу брзо ни кажуваат да се опуштиме со она што го правиме. Мора да бидеме кредибилни – рече Веб, главниот оперативен директор на фудбалското судиско тело во Англија, пренесе „Ројтерс“.
Новата сезона во англиската Премиер-лига почна вчера, кога шампионот Ливерпул беше домаќин на Борнмут. Н.М.