Фото: Игор Бансколиев

Македонија во вториот квалификациски термин во октомври е слободна, а за утре е закажан пријателскиот дуел со Ерменија, во Струмица. Во групата Ц, пак, утре играат Малта – Украина и Англија – Италија. Во ноември, Македонија треба да игра со Италија на гости, на 17 ноември, а три дена подоцна со Англија, дома

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024

Македонската фудбалска репрезентација загуби со 0-2 од селекцијата на Украина, во Прага (Чешка), во дуел од квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Германија и ги намали шансите за пласман на континенталниот шампионат. Георгиј Судаков во 30. минута и Олександр Караваев во завршницата на натпреварот беа стрелци на головите за Украина.
Македонија во вториот квалификациски термин во октомври е слободна, а за утре е закажан пријателскиот дуел со Ерменија, во Струмица (од 15 часот). Во групата Ц, пак, утре Украина игра на гости со Малта, а Англија ја пречекува Италија. Во ноември, Македонија треба да игра со Италија на гости, на 17 ноември, а три дена подоцна со Англија, дома.
Во групата Ц води Англија со 13 бода (од пет меча), пред Италија (пет средби) и Украина (шест) со по 10 бода, Македонија со седум (од шест дуела) и Малта без бодови (од шест). Во случај две или повеќе репрезентации да бидат израмнети со бодовите, меѓусебниот дуел е прво што решава за тоа кој ќе има подобар пласман на табелата.
Домаќинот Германија и првопласираните две репрезентации од секоја од 10-те квалификациски групи ќе играат на Европското првенство во 2024 година. Преостанатите три места ќе ги пополнат победниците на плејофот во лигите А, Б и Ц во Лигата на нациите, во кој ќе играат вкупно 12 репрезентации, победници на групите во Лигата на нациите.
Од групата Ц обезбеден пласман во плејофот има Италија, а од другите групи и Шпанија, Хрватска, Холандија, Израел, БиХ, Србија, Шкотска, Грузија, Грција, Турција и Казахстан.
Ако некоја од овие репрезентации обезбеди пласман на Европското првенство преку квалификациите, таа ќе ѝ го отстапи своето место во плејофот на следна селекција според пласманот во Лигата на нациите. Според пласманот на табелите по мечевите во саботата, пак, други репрезентации што би можеле да се најдат во плејофот се, на пример, Чешка, Велс, Финска, Луксембург, Азербејџан, Естонија… Н.М.