Фото: ЕПА

Вечерва за влез во финалето играат Флуминенсе и Челси. „Не е лесно да се игра на ова натпреварување и да се стигне до полуфиналето“, рече Тиаго Силва, капитенот на Флуминенсе. „Полуфиналето на СП е за најдобрите клубови во светот, а ние сме тука“, вели Енцо Мареска, тренерот на Челси. Вториот полуфинален дуел е утре, помеѓу Пари сен Жермен и Реал Мадрид

ФУДБАЛ – КЛУПСКО СП 2025

Со вечерашниот прв полуфинален натпревар (од 21 часот), помеѓу Флуминенсе (Бразил) и Челси (Англија), почнува разврската на патот кон трофејот на фудбалското клупско Светско првенство (СП) во САД. Вториот полуфинален дуел е утре (од 21 часот), помеѓу Пари сен Жермен (Франција) и Реал Мадрид (Шпанија). Двете средби, како и финалето в недела, се играат во Њу Џерси.
– Многу сум среќен, многу сум горд на мојот тим. Не е лесно да се игра на ова натпреварување и да се стигне до полуфиналето. Не можев ни да го замислам овој момент, но сум многу среќен за тимот, а и за себе и за настапот. Останавме заедно цело време – рече Тиаго Силва, капитенот на Флуминенсе, пренесе Светската фудбалска федерација (ФИФА).
За Челси вечерашниот натпревар ќе биде трет на СП 2025 со бразилски тим, по поразот во групната фаза од Фламенго и победата на дуелот со Палмеирас во четврт-финалето. Флуминенсе, пак, третпат ќе се сретне со тим од Европа на годинашниот клупски Мундијал, по ремито со Борусија Дортмунд (Германија) во групната фаза и победата на мечот со Интер (Италија) во осминафиналето.
– Полуфиналето на Светското клупско првенство е за најдобрите клубови во светот, а ние сме тука. Многу сме среќни – рече Енцо Мареска, тренерот на Челси, пренесе ФИФА.
Годинашното клупско СП е прво на кое играат 32 клуба од целиот свет. Сите полуфиналисти на СП 2025 се континентални прваци од минатите четири години, и тоа Челси во 2021 година, Реал Мадрид во 2022 и 2024 година, Флуминенсе во 2023 година и Пари сен Жермен годинава. Н.М.


КЛУПСКО СП 2025 ОСМИНАФИНАЛЕ

Палмеирас – Ботафого 1-0
Бенфика – Челси 1-4
ПСЖ – Интер Мај. 4-0
Фламенго – Баерн 2-4
Интер Мил. – Флуминенсе 0-2
Манчестер С. – Ал Хилал 3-4
Реал М. – Јувентус 1-0
Борусија Д. – Монтереј 2-1
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Флуминенсе – Ал Хилал 2-1
Палмеирас – Челси 1-2
Пари сен Жермен – Баерн 2-0
Реал М. – Борусија Д. 3-2
ПОЛУФИНАЛЕ
Флуминенсе – Челси 21 ч.
ПСЖ – Реал Мадрид утре, 21 ч.

КОНТИНЕНТАЛНИ УСПЕСИ НА ПОЛУФИНАЛИСТИТЕ ВО ПРЕТХОДНИТЕ ЧЕТИРИ ГОДИНИ
2021 г. Челси, првак на Европа
2022 г. Реал Мадрид, првак на Европа
2023 г. Флуминенсе, првак на Ј.Америка
2024 г. Реал Мадрид, првак на Европа
2025 г. ПСЖ, првак на Европа