Во ЛШ вечерва меѓу себе играат Баерн и Интер, а од другите клубови што се пласираа на клупскиот Мундијал, во четврт-финалето на ЛШ се Реал М., ПСЖ и Борусија Д., а Челси е меѓу најдобрите осум тима сезонава во Конференциската лига
ФУДБАЛ – ОД ДЕНЕСКА ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ НА ТРИТЕ КОНТИНЕНТАЛНИ КУПА
Четвртфиналните дуели од денеска до четврток во европските фудбалски купови носат и натпревари на шест од 12-те учесници од Европа на клупското Светско првенство годинава во САД, и тоа еден директен. Стариот Континент на клупскиот Мундијал ќе биде претставен од европските прваци во четиригодишниот циклус, Челси, Манчестер сити и Реал Мадрид, како и од екипите што беа високопласирани на ранг-листата на Европската фудбалска унија (најмногу по два тима од иста земја, освен ако тие клубови не биле европски шампиони во тој четиригодишен циклус), Баерн, Интер, Пари сен Жермен, Борусија Дортмунд, Порто, Бенфика, Јувентус, Атлетико Мадрид и Салцбург.
Така, во Лигата на шампионите (ЛШ) вечерва меѓу себе играат Баерн и Интер, а од другите клубови што се пласираа на годинашниот клупски Мундијал, во Лигата на шампионите Реал Мадрид вечерва му гостува на Арсенал, потоа утре Пари сен Жермен дома игра со Астон вила, а Борусија Дортмунд гостува кај Барселона. Во Конференциската лига (КЛ) Челси задутре гостува кај Легија. Новиот европски првак ќе се пласира на следното издание на клупското Светско првенство.
Клупското планетарно првенство годинава е прво на кое ќе играат 32 тима од целиот свет, а предвидено е да се игра секои четири години. Покрај 12-те европски клуба ќе играат и шест од Јужна Америка, по четири од Северна Америка, Африка и од Азија и по еден од Океанија и од домаќинот на шампионатот.
Состав на групите на клупското Светско првенство во САД годинава: Група А: Палмеирас, Порто, Ал Ахли, Интер Мајами. Група Б: Пари сен Жермен, Атлетико Мадрид, Ботафого, Сиетл. Група Ц: Баерн, Окленд сити, Бока јуниорс, Бенфика. Група Д: Фламенго, Есперанс де Тунис, Челси, се чека одлука на ФИФА за четвртиот тим. Група Е: Ривер плата, Урава, Монтереј, Интер. Група Ф: Флуминенсе, Борусија Дортмунд, Улсан, Мамелоди. Група Г: Манчестер сити, Видад, Ал Аин, Јувентус. Група Х: Реал Мадрид, Ал Хилал, Пачука, Салцбург. Во осминафиналето ќе се играат првопласираните две екипи во секоја група, а двојките ќе бидат помеѓу тимови од групите А и Б, потоа од Ц и Д, од Е и Ф, како и од Г и Х. Н.М.
ФУДБАЛ
Три тима играат за четири титули сезонава
Интер, Реал Мадрид и Пари сен Жермен сезонава играат за четири фудбалски трофеја, и тоа два домашни и по еден европски и планетарен. Сите три тима се четвртфиналисти на Лигата на шампионите и ќе настапат на клупското Светско првенство во САД годинава и се во трка по трофеи во домашните натпреварувања, првенството и купот.
Пари сен Жермен веќе ја обезбеди титулата во Франција и ќе игра во финалето на Купот на таа земја, со Ремс. Интер е водечки во италијанската Серија А и е полуфиналист на Купот на Италија (1-1 по првата средба со градскиот ривал Милан). Реал Мадрид е второпласиран во шпанското фудбалско првенство и ќе игра во финалето на Купот на Шпанија, во кое за трофејот ќе се сретне со водечката во Ла лига, Барселона, која, пак, е во игра за три трофеја сезонава. Н.М.
ЧЕТВРТФИНАЛНИ МЕЧЕВИ ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Арсенал – Реал М. 21 ч.
Баерн – Интер 21 ч.
ПСЖ – Астон вила утре, 21 ч.
Барселона – Борусија Д. утре, 21 ч.
ЛИГА ЕВРОПА
Бодо/Глимт – Лацио четврток
Тотенхем – Ајнтрахт четврток
Глазгов р. – Атлетик Б. четврток
Лион – Манчестер ј. четврток
КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
Легија – Челси четврток
Бетис – Јагиелониа четврток
Целје – Фиорентина четврток
Ѓургарденс – Рапид В. четврток
сите реванши се идната недела