По пет кола, Македонија, Шведска, Швајцарија и БиХ се сигурни учесници на лигата Б за идната сезона, уште четири селекции треба да бидат одредени по комплетирањето на шестото коло, утре, а другите ќе бидат познати в година, по плејофот во кој ќе настапат 16 селекции од лигите А, Б и Ц, додека по петтото коло кандидати беа 30 репрезентации
ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ
Поради изменетиот систем на натпреварување за годинашната Лига на нациите, по пет кола се познати само четири репрезентации што идната сезона ќе играат во лигата Б, и тоа Македонија, Шведска, Швајцарија и БиХ. Уште четири селекции треба да бидат одредени по комплетирањето на шестото коло, утре (две што од лигата А ќе се преселат во лигата Б и уште две што ќе победат во групите во лигата Ц), а другите осум репрезентации ќе бидат комплетирани в година, по плејофот за промоција и за опстанок во кој ќе настапат селекции од лигите А, Б и Ц.
Македонија вчера го заокружи својот настап во Лигата на нациите за сезоната 2024/2025, со дуелот дома со Фарските Острови, но и пред тој меч го освои првото место во групата 4, во лигата Ц и со тоа обезбеди пласман во лигата Б. Од лигата Ц по петтото коло тоа го оствари уште Шведска. Во лигата А четвртите места во своите групи ги освоија Швајцарија и БиХ и во новата сезона на ова натпреварување ќе играат во лигата Б.
Од годинава Европската фудбалска унија (УЕФА) воведе плејоф-средби за опстанок во соодветната лига или за влез еден ранг погоре. Така, по пет кола сигурни учесници во плејофот се Унгарија од лигата А, Република Ирска од лигата Б и Словачка од лигата Ц, според податоците на Европската фудбалска унија, а потенцијални се Хрватска, Полска, Шкотска, Белгија, Израел, Данска и Србија од лигата А, Чешка, Грузија, Албанија, Украина, Англија, Грција, Австрија, Норвешка, Словенија, Турција, Велс и Исланд од лигата Б, Романија, Косово, Северна Ирска, Бугарија, Белорусија, Фарски Острови, Ерменија и Летонија од лигата Ц.
Во плејофот за настап во лигата А ќе играат третопласираните во групите во лигата А и селекциите на вторите места во лигата Б (победниците ќе се пласираат во лигата А, а поразените ќе играат во лигата Б). Во доигрувањето за опстанок во лигата Б, пак, ќе се сретнат репрезентациите на третите места во лигата Б со второпласираните во лигата Ц (победниците ќе играат во лигата Б, а поразените во лигата Ц).
По пет кола во четврт-финалето на Лигата на нациите за сезонава се пласираа Португалија, Италија, Франција, Германија, Холандија и Шпанија, а за уште две места кандидати се Хрватска, Полска и Шкотска од групата 1 и Данска и Србија од групата 4. Познато е и тоа дека носители при ждрепката ќе бидат репрезентациите на Португалија, Германија и на Шпанија, како и Италија или Франција (синоќа во меѓусебен меч решаваа кој ќе биде победник на групата два). Н.М.