
ФУДБАЛ – ФИФА
- Домаќините САД, Мексико и Канада се меѓу земјите со најголем број кандидати, заедно со Германија, Англија, Бразил, Шпанија, Португалија, Аргентина и со Колумбија
Повеќе од половина милијарда барања за билети за Светското првенство (СП) во фудбал годинава се поднесени за време на фазата на продажба на билети со лотарија, за која пријавувањето траеше до завчера, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА). Со секоја апликација потврдена со уникатни податоци од кредитна картичка, гледачите доставуваа просечно 15 милиони барања за билети дневно во текот на 33-дневниот рок за аплицирање, поставувајќи нов стандард за побарувачка во историјата на светскиот спорт, пишува ФИФА. Пријавите беа примени од гледачи што живеат во сите земји на 211-те земји членки на ФИФА.
Освен земјите домаќини на планетарниот шампионат, САД, Мексико и Канада, најголем број апликации пристигнале од гледачи што живеат во Германија, Англија, Бразил, Шпанија, Португалија, Аргентина и во Колумбија, пишува ФИФА.
– Половина милијарда барања за билети за нешто повеќе од еден месец е повеќе од побарувачка, тоа е глобална изјава. Во име на ФИФА, би сакал да им се заблагодарам и да им честитам на фудбалските гледачи насекаде за овој извонреден одѕив – рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, пренесе ФИФА.
Гледачите ќе бидат известени за исходот од нивните апликации за билети по е-пошта, а тие што не се успешни во оваа фаза ќе имаат уште една можност да купат поблиску до почетокот на турнирот, кога ќе се отвори фазата на продажба, а во текот на овој период, кој трае до крајот на турнирот, билетите ќе се продаваат по принципот „прв дојден, прв услужен“, пишува ФИФА. Н.М.
































