ФУДБАЛ
- Досега 28 репрезентации се пласираа на Светското првенство во 2026 година, по мечевите во ноември ќе бидат познати уште 14 учесници, а уште шест в година, и тоа четири по доигрувањето во Европа и две по интерконтиненталниот плејоф на ФИФА. Македонија има шанси за директен пласман, но и за влез во плејофот, преку квалификациите и преку Лигата на нациите
Вкупно 28 репрезентации досега се пласираа на Светското првенство (СП) во 2026 година, од кои Англија како прва од Европа, а во пресрет на продолжувањето на квалификациите неделава низ целиот свет, Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги разгледува селекциите што се најблиску до додавање на своите имиња на списокот со учесници. На СП 2026 ќе играат вкупно 48 репрезентации. По мечевите во ноември ќе бидат познати уште 14 учесници, а уште шест в година, и тоа четири по доигрувањето во Европа и две по интерконтиненталниот плејоф на ФИФА.
Европа: Кој ќе ѝ се
придружи на Англија?
Англија стана првата репрезентација што успешно излезе од прелиминарното натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА), а во следните десетина дена ќе бидат познати уште 11.
Така, има неколку репрезентации што со победа на првиот следен меч ќе обезбедат пласман на СП 2026, како на пример Франција в четврток ако ја победи Украина, Белгија на истиот датум ако го победи Казахстан, како и Португалија ако ја победи Република Ирска, а Холандија ќе го обезбеди своето место в петок ако ја победи Полска. Постојат шанси и за други репрезентации во првите мечеви во ноември, но не зависат само од своите резултати, меѓу нив се Швајцарија, Австрија, Норвешка и Шпанија, пишува ФИФА.
По заокружувањето на квалификациите, во Европа во март в година ќе се игра и плејоф за уште четири места на СП 2026. Во него ќе настапат 12-те второпласирани од квалификациските групи, како и четири победници на групите во Лигата на нациите од сезоната 2024/2025, кои не ги освоиле првите две места во своите групи во квалификациите.
Македонија е меѓу победниците на групите во Лигата на нациите, но пласман во плејофот може да обезбеди и преку квалификациите, во кои сега е на второто место во групата Ј. На црвено-жолтите за директен пласман на СП 2026 ќе им треба победа на дуелот со Велс, а Белгија да освои еден бод на двата преостанати меча од овој квалификациски циклус (со Казахстан на гости и со Лихтенштајн дома), а ако освои два, тогаш би решавала вкупната гол-разлика во групата. На македонската селекција за пласман во плејофот ѝ треба победа на дуелот со Велс, на гости, на 18 ноември, или реми, ако Велс в сабота не го совлада Лихтенштајн на гости со шест гола разлика.
Од селекциите што се победници на групите во Лигата на нациите, преку квалификациите пласман на СП обезбеди Англија, а на првите две места во своите групи пред мечевите во ноември се Шпанија, Германија, Португалија, Франција, Норвешка, Чешка и Македонија. За Македонија, која е 11-та меѓу победниците на групите во Лигата на нациите, да се пласира во плејофот преку Лигата на нациите, потребно е седум подобро пласирани селекции да бидат на првите две места во квалификациите.
Пред ноемвриските натпревари на такви позиции се токму седум репрезентации, и тоа Шпанија, Германија, Португалија, Франција, Англија, Норвешка и Чешка.
За денеска е предвиден собирот на македонската репрезентација за мечот со Велс идната недела, а пред тоа и за тест-дуелот со Летонија, в четврток, на домашен терен.
Северна Америка: Мечеви за три места на СП и за две во доигрувањето?
Бидејќи и Хондурас и Јамајка не успеаја да ги добијат своите први натпревари во октомвриските средби, Зоната во Северна Америка сега се надева на ноември за да ја пронајде својата прва пласирана репрезентација, пишува ФИФА. Неколку селекции можат да се пласираат неделава, но зависат и од резултатите на ривалите, како на пример Хондурас и Јамајка. Во квалификациите има три групи, од кои победниците ќе се пласираат на СП 2026, а две најдобри меѓу второпласираните ќе играат во интерконтиненталниот плејоф. Од Северна Америка директен пласман обезбедија домаќините на планетарниот шампионат, САД, Мексико и Канада.
Африка: Квартет се трка за пласман во плејофот
Од Африка, на СП 2026 досега се пласираа Мароко, Тунис, Египет, Алжир, Гана, Сенегал, Зелено`ртската Република, Брегот на Слоновата Коска и Јужна Африка, а сега четирите најдобри второпласирани селекции по групната фаза ќе се соочат на турнир во Мароко, за едно место во интерконтиненталниот плејоф. Двојките од полуфиналето в четврток се Нигерија – Габон и Камерун – ДР Конго. Финалето е в недела.
Азија: Останаа уште мечевите за влез во доигрувањето
Во Азија завршија квалификациите за директните места, кои ги освоија Австралија, Иран, Јапонија, Јордан, Катар, Саудиска Арабија, Јужна Кореја и Узбекистан. Сега следуваат натпреварите помеѓу Ирак и Обединетите Арапски Емирати, на 13 и на 18 ноември, за едно место во интерконтиненталниот плејоф на Светската фудбалска федерација.
Океанија и Јужна Америка: Се чека интерконтиненталниот плејоф
Иако загуби од Нов Зеланд во квалификациското финале во Океанија, репрезентацијата на Нова Каледонија уште има шанса да се пласира на Светското првенство в година. Таа селекција ќе се натпреварува во интерконтиненталниот плејоф.
Сите шест автоматски места од Јужна Америка се освоени, и тоа од Аргентина, Бразил, Колумбија, Еквадор, Парагвај и од Уругвај. Репрезентацијата на Боливија може да стане седмата од тој континент, бидејќи ќе игра во интерконтиненталниот плејоф.
На тој дополнителен турнир на Светската фудбалска федерација, в година, во Северна Америка, ќе настапат Нова Каледонија, Боливија, две селекции од Северна Америка и по една од Азија и од Африка. Според информациите, репрезентациите ќе бидат подредени според пласманот на ранг-листата на ФИФА, а двете највисокопласирани ќе играат директно во полуфиналето. Победниците на полуфиналињата ќе се пласираат на Светското првенство в година. Н.М.
ДОСЕГА ПЛАСИРАНИ НА СП 2026
Домаќини: Канада, Мексико, САД
Азија: Австралија, Иран, Јапонија, Јордан, Јужна Кореја, Катар, Саудиска Арабија, Узбекистан
Африка: Алжир, Зелено`ртска Република, Брегот на Слоновата Коска, Египет, Гана, Мароко, Сенегал, Јужна Африка, Тунис
Јужна Америка: Аргентина, Бразил, Колумбија, Еквадор, Парагвај, Уругвај
Океанија: Нов Зеланд
Европа: Англија
ГРУПА Ј
Казахстан – Белгија петок
Лихтенштајн – Велс петок
Велс – Македонија 18.11
Белгија – Лихтенштајн 18.11
ТАБЕЛА
Белгија 6 4 2 0 21-6 14
Македонија 7 3 4 0 12-3 13
Велс 6 3 1 2 13-10 10
Казахстан 7 2 1 4 8-12 7
Лихтенштајн 6 0 0 6 0-23 0


































