Бараж-дуели за пласман на ЕП се играат од циклусот квалификации за шампионатот во 1996 година и оттогаш се одиграни 30 натпревари, низ кои се одредени 22 учесника на соодветните европски првенства (вкупно 18 селекции, од нив четири по двапати)

ФУДБАЛ

Седми пат од претходните осум циклуси квалификации за пласман на европските фудбалски првенства денеска ќе се игра плејоф, со кој овој пат ќе се одредат уште три учесници на Европското првенство (ЕП) годинава во Германија. Вторпат репрезентациите што ќе играат во овие бараж-дуели местото го обезбедија преку резултатите во Лигата на нациите, наместо преку европските квалификации.
Истиот формат беше употребен за европските плејоф-дуели за пласман на Светското првенство во 2022 година (иако, во тој случај, само две репрезентации од Лигата на нации се пласираа во тој плејоф, заедно со десет второпласирани во групите од европските квалификации за Мундијалот) и затоа ова е сега третпат како ќе се играат полуфиналиња и финалиња со по еден натпревар, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Плејоф-дуели за пласман на ЕП се играат од циклусот квалификации за шампионатот во 1996 година и оттогаш се одиграни 30 бараж-натпревари, низ кои се одредени 22 учесника на соодветните европски првенства (вкупно 18 селекции, од нив четири по двапати).
Шесте нови плејоф-меча, првите полуфинални дуели од плејофот за пласман на ЕП 2024, се денеска, а играат Велс – Финска, Полска – Естонија (во лигата А), Израел – Исланд, БиХ – Украина (во лигата Б), Грузија – Луксембург и Грција – Казахстан (во лигата Ц). Сите средби се од 20.45 часот, освен дуелот Грузија – Луксембург, кој е од 18 часот. Победниците на денешните натпревари во вторник ќе играат во трите финалиња, а трите победници ќе настапат на ЕП 2024 во Германија.
Денеска се игра и првиот меч за опстанок во Лигата на нациите, а се среќаваат репрезентациите на Гибралтар и на Литванија. Реваншот е во вторник. Вкупниот победник и во новата сезона на Лигата на нациите ќе игра во лигата Ц, а поразениот ќе се натпреварува во лигата Д. Н.М.