Вечерва играат Аргентина – Хрватска, а утревечер Франција – Мароко. Според полуфиналните двојки се можни неколку варијанти за финалето, како на пример две репризи, финале за прва титула, прв меѓусебен дуел на мундијалите, интерконтинентална средба…
ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР
Со вечерашниот натпревар Аргентина – Хрватска (20 часот) почнува разврската на патот кон трофејот на фудбалското Светско првенство (СП) во Катар, а утре со дуелот Франција – Мароко ќе се комплетираат финалната двојка и дуелот за третото место на 22-от Мундијал. Според полуфиналните двојки се можни неколку варијанти за финалето.
РЕПРИЗА 1: Досега на фудбалските светски првенства двапати се случило две репрезентации да играат во финалето, а претходно да се сретнале играјќи во иста група на тој шампионат. Тоа првпат се случи на Светското првенство во 1954 година, кога играа Германија и Унгарија во финалето и во групната фаза (по една победа за двете репрезентации, Германија стана светски првак), а потоа и на Мундијалот во 1962 година, кога финалистите Бразил и Чехословачка играа во иста група (реми во групата и победа на Бразил во мечот за титулата). Хрватска и Мароко на годинашниот Мундијал се сретнаа во првото коло во групата Ф (реми 0-0) и се можни финалисти.
РЕПРИЗА 2: Во претходното 21 финале на светските првенства во фудбал имало неколку репризни финални мечеви. Најчестоповторувано финале е дуелот помеѓу Германија и Аргентина, и тоа трипати (во 1986, 1990 и во 2014 година, прво победи Аргентина, а потоа двапати Германија), а по двапати меѓу себе играле Бразил и Италија (во 1970 и во 1994, две победи на Бразил, втората на пенали). Хрватска и Франција играа во финалето на Светското првенство во 2018 година и се можни финалисти годинава.
ФИНАЛЕ ЗА ПРВА ТИТУЛА: Досега имало шест финалиња на фудбалските светски првенства во кои кој било да победел првпат ќе ја освоел титулата. Секако, тоа се случи на првиот шампионат, во 1930 година, кога играа Уругвај и Аргентина (4-2), но потоа и во 1934 година, Италија – Чехословачка (2-1), во 1954-та Германија – Унгарија (3-2), во 1958-та Бразил – Шведска (5-2), во 1978-та Аргентина – Холандија (3-1) и во 2010 година Шпанија – Холандија (1-0). Вакво финале е можно на СП 2022, ако играат Мароко и Хрватска.
ПРВА МЕЃУСЕБНА МУНДИЈАЛСКА СРЕДБА, И ТОА ВО ФИНАЛЕ: Први меѓусебни дуели на светските првенства на две репрезентации, и тоа во финале, се случиле осум пати. Очекувано, такви мечеви беа првите четири финалиња, Уругвај – Аргентина во 1930 година, Италија – Чехословачка четири години подоцна, Италија – Унгарија во 1938-та и Уругвај – Бразил во 1950 година. Потоа тоа се случи на СП 1966, кога се сретнаа Англија и Германија, на СП 1974 на дуелот Германија – Холандија, на СП 2002 на мечот Бразил – Германија и на СП 2010 на средбата Шпанија – Холандија. На СП 2022 таков дуел е можен ако во финалето играат Аргентина и Мароко.
ИНТЕРКОНТИНЕНТАЛНО ФИНАЛЕ: Досега, во 21 финале на фудбалските мундијали играле само селекции од Европа и од Јужна Америка, Европа води со 12-9. На претходните мундијали имало вкупно 10 меѓуконтинентални финалиња. Прво такво финале се случи на шестиот шампионат, во 1958 година, со мечот Бразил – Шведска, а потоа следуваа во 1962-та со финалето Бразил – Чехословачка, во 1970 и 1994-та со дуелите Бразил – Италија, во 1978-та играа Аргентина и Холандија, потоа во 1986, 1990 и во 2014 година со учество во мечевите за титула на Аргентина и на Германија, во 1998 со финалето Франција – Бразил и во 2002 година со дуелот Бразил – Германија. На СП 2022 се можни три интерконтинентални финалиња, и тоа Мароко со Хрватска или со Аргентина и Франција со Аргентина. Во досегашните 10 интерконтинентални финалиња Јужна Америка води со 7-3 во мечевите со Европа.
ФИНАЛЕ СО СЕЛЕКЦИИ ОД ИСТ КОНТИНЕНТ: На досегашните светски првенства 11 пати во финалето играле репрезентации од еден континент. Двапати тоа беа селекции од Јужна Америка (Уругвај – Аргентина во 1930 и Уругвај – Бразил во 1950 година), а девет пати од Европа (во 1934 година Италија – Чехословачка, 1938-та Италија – Унгарија, 1954-та Германија – Унгарија, 1966-та Англија – Германија, 1974-та Германија – Холандија, 1982-та Италија – Германија, 2006-та Италија – Франција, 2010-та Шпанија – Холандија и во 2018 година Франција – Хрватска). Вакво финале е можно на СП 2022, ако играат Хрватска и Франција.