ФУДБАЛ
- Чиле е домаќин на СП за фудбалери до 20 години, кое се игра од 1977 година и на кое настапиле многу подоцнежни сениорски репрезентативци, а вкупно 16 ги освоија и младинската и сениорската светска титула, и тоа Марадона, Бебето, Дунга, Жоржињо, Милер, Тафарел, Дида, Касиљас, Марчена, Чави, Меси, Ди Марија, Ареола, Погба, Товен и Умтити, Савиола и Холанд се голгетерски рекордери…
Ѕвездите на утрешнината ќе се појават на сцената за Светското првенство (СП) за фудбалери до 20 години, од денеска во Чиле, нешто повеќе од 250 дена пред СП за сениори в година, а овој глобален младински турнир ќе биде и прва можност да се видат потенцијални олимпијци, за Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2028 година во Лос Анџелес, каде што ќе играат селекции за фудбалери до 23 години, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Актуелен првак е Уругвај, кој победи во 2023 година и ја освои својата прва титула во тоа натпреварување. Најуспешна репрезентација е Аргентина, со шест титули младински светски првак, а веднаш потоа е Бразил со пет. Титулата ја освоија репрезентации од Европа во четири изданија во низа од 2013 до 2019 година, пред да се врати во Јужна Америка со победата на Уругвај. СП за фудбалери до 20 години се игра од 1977 година и на него настапиле многу подоцнежни сениорски репрезентативци. На 24. издание ќе играат 24 селекции, а Нова Каледонија е единствен дебитант. Осмо СП по ред почнува без актуелниот шампион, откако Уругвај не се пласира, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Неверојатни 127.000 гледачи го следеа финалето во 1991 година помеѓу домаќинот Португалија и Бразил, рекордна публика за меч од младинско СП, пишува ФИФА. Шеснаесет идни сениорски репрезентативци настапија на „Естадио да Луж“, вклучувајќи ги Мануел Руи Коста, Луис Фиго, Жоао Пинто, Роберто Карлос, Пауло Нуњес и Џоване Елбер. Португалија на Карлос Кеироз победи на пенали и ја освои титулата вторпат во низа. Најпосетено СП до 20 години, врз основа на соодносот гледачи по меч, беше СП 1983 во Мексико, со 36.099 гледачи во просек по меч, а настапуваа играчи како Бебето, Дунга, Пол Мекстеј, Тони Полстер, Олег Протасов, Таб Рамос и Марко ван Бастен, пишува ФИФА. Вкупно 16 победници на овој младински турнир станаа и сениорски светски прваци, и тоа Диего Марадона (го освои СП до 20 години во 1979 година), Бебето, Дунга, Жоржињо (1983 г.), Милер, Тафарел (1985 г.), Дида (1993 г.), Икер Касиљас, Карлос Марчена, Чави (1999 г.), Лионел Меси (2005 г.), Анхел ди Марија (2007 г.), Алфонс Ареола, Пол Погба, Флоријан Товен и Самуел Умтити (2013 г.), пишува ФИФА. Хавиер Савиола е рекордер за најмногу голови на едно СП, 11 во 2001 година, Ерлинг Холанд постигна девет погодоци, повеќе од кој било играч досега во еден меч во организација на ФИФА, на СП 2019, пишува ФИФА.
Прво коло, денеска: Јапонија – Египет, Чиле – Нов Зеланд (група А), Јужна Кореја – Украина и Парагвај – Панама (група Б). Утре се средбите Мароко – Шпанија, Бразил – Мексико (група Ц), Италија – Австралија и Куба – Аргентина (група Д), а в понеделник играат Франција – Јужна Африка, САД – Нова Каледонија (група Е), Норвешка – Нигерија и Колумбија – Саудиска Арабија (група Ф). Во осминафиналето ќе играат првите две селекции од секоја група и четири најдобри меѓу третопласираните репрезентации. Н.М.