Сезонава ќе настапат 32 тима, и тоа седум од Бразил, пет од Аргентина, по три од Еквадор, Колумбија, Перу и од Парагвај, а по два од Уругвај, Чиле, Боливија и од Венецуела. Титулата од лани ја брани Фламенго

ФУДБАЛ – КОПА ЛИБЕРТАДОРЕС

Петти пат славниот стадион „Маракана“ во Рио де Жанеиро (Бразил) ќе биде домаќин на финалето на Копа либертадорес, клупското натпреварување за фудбалски првак на Јужна Америка. Во новата, 64-та сезона на Копа либертадорес, утре почнува групната фаза. Титулата од лани ја брани бразилски Фламенго.
Сезонава ќе настапат 32 тима поделени во осум групи, најдобрите две екипи од секоја група ќе се пласираат во осминафиналето, а третопласираните ќе продолжат да играат во второто по ранг натпреварување во Јужна Америка, Копа судамерикана. Во групната фаза сезонава Бразил има седум тима, Аргентина пет, Еквадор, Колумбија, Перу и Парагвај по три, а Уругвај, Чиле, Боливија и Венецуела по два.
Најмногу титули досега во натпреварувањето што се игра од 1960 година освои Индепедиенте (Аргентина), седум, а потоа се Бока јуниорс (Аргентина) со шест, Пењарол (Уругвај) со пет, Ривер плата и Естудијантес (двата од Аргентина) со по четири, Олимпија (Парагвај), Национал (Уругвај), Сао Паоло, Палмеирас, Сантос, Гремио и Фламенго (сите од Бразил) со по три… Во претходните четири сезони титулите ги освоија тимови од Бразил, и тоа Фламенго и Палмеирас по двапати, а во финалињата во 2020, 2021 и во 2022 година играа само екипи од Бразил. Н.М.


Во трка за титулата и Барселона и Ливерпул

Во трка за клупската фудбалска титула во Јужна Америка годинава ќе бидат и, на пример, Барселона од Еквадор, двапати финалист на Копа либертадорес (1990 и 1998 година), во групата Ц и Ливерпул од Уругвај (третпат ќе игра во најсилното клупско првенство во Јужна Америка), во групата Е. Барселона од Гвадајакил, која е формирана во 1925 година, е 16-кратен првак на Еквадор (лани беше второпласирана). Ливерпул од Монтевидео, пак, е формиран во 1915 година и е актуелен вицешампион на Уругвај и годинава победи во Суперкупот на таа земја. Н.М.