Во сениорските финалиња, од 21 до 31 мај, во Лигата на шампионите за жени и за мажи, Лига Европа и во Конференциската лига, се игра и за историја, клупска и индивидуална
ФУДБАЛ
Серијата финалиња со згуснат распоред почнуваат задутре, а во период од 10 дена ќе бидат одредени победниците на европските фудбалски купови во сениорска конкуренција за сезонава, мажи и жени. Во сениорските финалиња од 21 до 31 мај се игра, меѓу другото, и за спас на сезоната, за историја, можеби за несекојдневен трофеен хет-трик…
ЛИГА ЕВРОПА, 21 МАЈ: Низата на европски мечеви за трофеи почнува в среда со дуелот Тотенхем – Манчестер јунајтед во Билбао (Шпанија), за пехарот во Лига Европа и уште повеќе, за настап во Лигата на шампионите (ЛШ) за идната сезона. Двата англиски тима преку Премиер-лигата не обезбедија место во европските купови и единствен начин за играње меѓународен фудбал во идната сезона е победа во финалето во Лига Европа. Со тоа Англија во Лигата на шампионите ќе има шест тима, откако пет ќе обезбедат учество преку домашното првенство. Сезонава е 54-та во Лига Европа, натпреварување во кое Тотенхем има два триумфа, во 1972 (финале со Вулверхемптон) и во 1984 година (дуел со Андерлехт), а има и второ место во 1974 година. Манчестер јунајтед победи еднаш, во 2017 година (финале со Ајакс) и има настап во уште едно финале, во 2021 година.
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ ЗА ЖЕНИ, 24 МАЈ: Три дена по решавачкиот натпревар во Лига Европа, на ред е финалето на 24-та сезона во Лигата на шампионите за жени, во Лисабон (Португалија), а ќе играат Арсенал и актуелниот континентален шампион Барселона. Англискиот клуб беше европски првак во 2007 година, а шпанскиот тим славеше во 2021, 2023 и во 2024 година. Барселона може да стане вториот клуб со барем три триумфи во низа, по францускиот Лион, кој е најтрофеен со осум титули и кој пет пати по ред победи од 2016 до 2020 година. Барселона игра и за несекојдневен трофеен хет-трик, откако ја освои титулата во Шпанија и ќе се сретне со Атлетико Мадрид во финалето на домашниот Куп на 7 јуни.
КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА, 28 МАЈ: Идната недела следува уште еден дуел за трофеј помеѓу тимови од Шпанија и од Англија. Во финалето на четвртата сезона во Конференциската лига се среќаваат Бетис и Челси, на 28 мај, во Вроцлав (Полска).
Бетис првпат е во финале на некое европско клупско натпреварување. И Челси игра за историски резултат, бидејќи може да стане првиот клуб што победил во сите натпреварувања што ги организирала Европската фудбалска унија (УЕФА). Претходно клубот од Лондон беше европски првак во 2012 и во 2021 година (финалиња со Баерн, односно со Манчестер сити), победи во Лига Европа во 2013 и во 2019 година (дуели со Бенфика, односно со Арсенал), во некогашниот Куп на победниците на куповите (КПК) во 1971 и во 1998 година (мечеви со Реал Мадрид, односно со Штутгарт), како и во Суперкупот на Европската фудбалска унија во 1998 и во 2021 година (средби со Реал Мадрид, односно со Вилјареал).
И двата клуба се во игра за настап во Лигата на шампионите идната сезона преку домашните првенства, а триумф во Конференциската лига обезбедува учество во Лига Европа.
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ ЗА МАЖИ, 31 МАЈ: Дуелите за европските трофеи за сезонава се заокружуваат на 31 мај, кога Пари сен Жермен и Интер ќе играат за победа во јубилејната 70-та сезона во Лигата на шампионите за мажи, во Минхен (Германија). Францускиот претставник играше во финалето на тоа натпреварување во 2020 година. Италијанскиот клуб освои европски титули во 1964, 1965 и во 2010 година (мечеви со Реал Мадрид, Бенфика, односно со Баерн), а беше финалист во 1967, 1972 и во 2023 година.
Пари сен Жермен во тој натпревар можеби ќе игра и за редок трофеен хет-трик, откако ја освои титулата во Франција и ќе настапи во финалето на домашниот Куп в сабота, со Ремс. И Пари сен Жермен и Интер обезбедија играње во Лигата на шампионите во идната сезона преку пласманот во домашните првенства.
ТРЕНЕРИ, ФУДБАЛЕРИ: Меѓу тренерите, Луис Енрике од ПСЖ е во трка за четвртиот меѓународен трофеј, откако со Барселона ги освои Лигата на шампионите, Суперкупот на УЕФА и Светското клупско првенство во 2015 година. Енрике може да влезе и во елитен клуб тренери, со европски титули со два клуба, во кој се Карло Анчелоти (трофеи со Милан и со Реал Мадрид), Пеп Гвардиола (Барселона и Манчестер сити), Енрст Хапел (Феенорд и Хамбургер), Жозе Мурињо (Порто и Интер), Отмар Хицфелд (Борусија Дортмунд и Баерн) и Јуп Хејнкес (Реал Мадрид и Баерн). Сите други тренери финалисти во четирите натпреварувања сезонава играат за прв голем европски пехар.
Меѓу фудбалерите, на пример, Хенрик Мкитаријан од Интер може да стане првиот играч што победил во финалињата во сите три актуелни машки клупски натпреварувања на УЕФА, пишува УЕФА. Тој ја освои Лига Европа како играч на Манчестер јунајтед во 2017 година и беше во тимот на Рома што победи во Конференциската лига во 2022 година.
Ниту еден играч не играл во победничкиот тим во сите три финалиња, иако Емерсон се доближи, откако настапи за Челси во триумфот во Лига Европа во 2019 година, потоа беше неискористена замена кога Челси победи во финалето на Лигата на шампионите во 2021 година и играше во победата на Вест хем во финалето на Конференциската лига во 2023 година, а за оваа статистика победа значи учество за победничкиот тим во финалето, пишува УЕФА на својата интернет-страница.
Покрај Мкитаријан и неколку други фудбалери можат да се запишат на листата со дваесетина играчи што европската титула ја освојувале со повеќе од еден клуб, на која води Кларенс Сеедорф со трофеи освоени со три клуба (Ајакс, Реал Мадрид и Милан)…
Во Европа се играа три фудбалски купа и во периодот од 1971 до 1999 година, и тоа Куп на шампионите (сега Лига на шампионите), Куп на УЕФА (сега Лига Европа) и Куп на победниците на куповите (во 1999 година се спои со Купот на УЕФА). Според податоците, тие три трофеи ги освоија Антонио Кабрини, Гаетано Ширеа, Марко Тардели, Серџо Брио, Стефано Такони (сите со Јувентус), Дени Блинд (со Ајакс), Арнолд Мирен (со Ајакс и со Ипсвич), Џанлука Вијали (со Сампдорија и со Јувентус) и Витор Баија (со Барселона и со Порто).
Осум клуба, четири трофеи и многу за освојување. Н.М.
ФИНАЛИЊА НА ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ СЕЗОНАВА
ДАТУМ ДВОЈКА КУП МЕСТО
21 мај Тотенхем – Манчестер ј. Лига Европа, мажи Билбао
24 мај Арсенал – Барселона Лига на шампионите, жени Лисабон
28 мај Бетис – Челси Конференциска лига, мажи Вроцлав
31 мај ПСЖ – Интер Лига на шампионите, мажи Минхен