ФУДБАЛ
Втората фаза од продажбата на билети за Светското првенство (СП) в година почна вчера. По големата побарувачка за време на извлекувањето на билети за претпродажба, уште еден милион билети се достапни за оваа фаза на извлекување билети, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Периодот за пријавување е отворен до петок до 16 часот. Оваа фаза е отворена за сите и вклучува временски интервал за домашна ексклузивност за жителите на земјите домаќини, Канада, Мексико и САД, пишува ФИФА. За време на претходната фаза на продажба на билети, жителите на трите земји домаќини купија повеќе билети од кој било друг. Англија, Германија, Бразил, Шпанија, Колумбија, Аргентина и Франција, подредени според редослед на побарувачката, ги заокружија првите 10 земји во однос на продажбата на билети, кога беа купени над еден милион билети, пишува ФИФА.
– Веќе видовме огромен интерес од целиот свет за овој турнир, а особено од земјите домаќини. Оваа втора фаза, со својот домашен ексклузивен термин на земјите домаќини, ќе ни овозможи да им се заблагодариме на овие локални гледачи, а наедно ќе обезбеди и глобална можност – рече Хајмо Ширги, главен оперативен директор на СП 2026, пренесе ФИФА.
Дополнителни билети ќе бидат достапни во следните фази, па фазата на извлекување според случаен избор ќе почне во неделите по извлекувањето на групите за СП 2026, закажано на 5 декември. Во текот на оваа фаза, гледачите ќе можат да поднесат апликации за специфични натпревари откако извлекувањето ќе ги открие повеќето од натпреварите во групната фаза. Поблиску до почетокот на СП 2026, навивачите ќе можат да купат преостанати билети по принципот прв дојден, прв услужен, пишува ФИФА. Н.М.


































