Ин Мемориам
Во 87-та година од животот сцената ја напушти Ванчо Трпевски, една од вардаровите и македонските фудбалски легенди. Тој беше човек кој со сето свое срце и со голема љубов беше посветен на фудбалот. Целиот живот го мина во најубавата споредна работа во светот, за речиси сиот свој професионален век да го помине во македонскиот фудбалски бренд Вардар. Со името на Трпевски се врзани многу работи кои беа од големо значење за развојот и афирмацијата на популарниот клуб.
Трпевски почна во младинскиот погон на Вардар на почетокот од 50-те години, за во 1954 година како 19-годишно момче да го има своето деби во сениорскиот тим. Следните пет години тој постојано беше меѓу првотимците, а подоцна откако се збогуваше со активното играње се зафати со тренерската работа. Тој постојано беше во Вардар, тренерите се менуваа – едни доаѓаа, други заминуваа, но Ванчо секогаш остануваше тука. Од оние негови постигнувања со младинските категории се памети 1975 година, кога со пионерскиот тим на Вардар на турнирот во Ница (Франција) го освои првото место и стана неофицијален европски првак.
Во сениорската екипа на Вардар остана забележана соработката со Стјепан Бобек, Вукашин Вишњевац, Андон Дончевски, Ѓорѓе Герум, а често работните обврски како дел од стручниот штаб ги споделуваше и со Часлав Божиновски, Петар Шулинчевски, Методија Спасовски, Сократ Мојсов, Перица Груевски и со Ѓоко Хаџиевски. Беше
навистина посветен на својата работа и секогаш беше тука, дури и во најтешките моменти кога многумина го напуштаа клубот.
Трпевски беше вклучен и во работата со младинските селекции на Македонија, па може слободно да се каже дека низ негови раце минаа стотици фудбалери од целата наша држава. Беше навистина голем ентузијаст, квалитетен тренер, а пред сѐ човек, кој беше трпелив и подготвен, особено на помладите фудбалери да им го покаже вистинскиот пат. За сите нив чичко Ванчо ќе остане во убав спомен, кој кон нив се обраќаше со родителска љубов.