Системот видеопомошник-судија (ВАР) треба да почне да се употребува од почетокот на сезоната 2025/2026, пишува ФФМ
ФУДБАЛ – ФФМ
Според првичниот план и динамиката на активности, планирано е да почнеме со употреба на видеотехнологијата од следната натпреварувачка сезона. Натпреварувањата што ќе бидат опфатени се Првата лига, Купот на Македонија од четврт-финалето, финалето на Купот на Македонија за жени и бараж-натпреварите за Првата лига, изјави Дејан Јакимовски, проектен лидер за имплементација на системот видеопомошник-судија (ВАР), пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
ФФМ преку веќе формираниот проектен тим за имплементација на системот ВАР почна со реализација на активностите поврзани со системот за помош на судиите преку видео-технологија, кој треба да почне да се употребува од почетокот на сезоната 2025/2026, пишува ФФМ, која веќе ги извести Европската фудбалска унија (УЕФА) и Светската фудбалска федерација (ФИФА) за почнувањето на имплементациските активности.
– Одржавме првичен онлајн состанок со ФИФА и веќе дефиниравме дел од важните постапки за имплементација на ВАР во МФЛ. Нашата намера е да имплементираме централизиран ВАР-систем, посебна просторија во ФФМ, а во зависност од понудите на ВАР-провајдерите ќе се почне со употреба на најмногу шест камери по натпревар. Тоа што, исто така, е исклучително важно за нас е што почнавме со плановите за едукација на ВАР-судии. Во почетокот на март во Скопје ќе организираме дводневна работилница, на која ќе учествуваат експерти од ФИФА, нашиот проектен тим, судиската и натпреварувачката комисија во ФФМ и други лица вклучени во проектот. Во периодот што следува ќе почнеме и со активности поврзани со нова битна работа за имплементација на ВАР-системот, а тоа е инфраструктурата на стадионите, односно потврдување на минимум потребните услови што секој стадион ќе мора да ги исполни за да добие лиценца, односно дозвола за одигрување натпревари. Лиценцирањето на стадионите, централизираните ВАР-соби и на ВАР-судиите го врши единствено ФИФА – вели Јакимовски, пренесе ФФМ.
Во проектниот тим за ВАР во ФФМ се вклучени и Димитар Мечкаровски, Јосип Бартон, Горан Спиркоски и Никола Караколев, а имплементацијата на ВАР во МФЛ е значаен чекор кон подобрување на правичноста и транспарентноста во носењето на судиските одлуки на натпреварите и зајакнување на духот на ферплејот, пишува ФФМ. Н.М.