Фото: „Нова Македонија“
  • Фудбалската сезона само што почна кога Томас Тухел, селекторот на Англија, го изрази своето верување дека тактиките од старата школа се вратија во мода, пишува агенцијата АП

Излезе дека Томас Тухел бил во право. Фудбалската сезона само што почна кога селекторот на Англија го изрази своето верување дека тактиките од старата школа се вратија во мода, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Долги фрлања од аут. Долги удари од голманите. Центрирања во шеснаесетникот за високите напаѓачи.
– Сите овие шеми се вратија – рече Тухел, предизвикувајќи мало изненадување кај англиската фудбалска публика, која беше одушевена во текот на изминатата деценија од стилот на игра под влијание на Пеп Гвардиола, со поседувањето на топката, пишува АП.
Процената на Тухел се покажа како точна, а тимовите од англиската Премиер-лига покажуваат склоност кон немодерни тактики, кои некогаш беа главни столбови на англиската игра, но во голема мера беа исфрлени од неа.
„Асошиејтед прес“ дава еден поглед на тоа како фудбалот се врати на основите во она што беше речиси тактичка револуција во потрагата по маргинални добивки.

Почетни удари во стилот на рагби

Наместо да го ценат поседувањето, многу тимови се среќни веднаш да се ослободат од топката на начин што потсетува на тоа како почнуваат натпреварите во рагби. Имитирајќи го пристапот што го презеде Пари сен Жермен минатата сезона на патот кон освојување на Лигата на шампионите, некои тимови, вклучувајќи ги Њукасл, Арсенал и Кристал палас, на пример, одлучија да ја исфрлат топката надвор од игра длабоко во противничкиот дел од теренот директно од почетниот удар. Идејата е да се ​​затворат противниците во нивната половина и да се предизвика одземање на топката по изведениот аут.
Потоа е тука и Борнмут. Во еден натпревар сезонава топката му беше вратена на играч на Борнмут при почетниот удар, а тој ја упати високо во воздух, кон противничкиот шеснаесетник, додека неговите соиграчи ја бркаа. Тоа е игра што често се гледа во рагбито. Но во фудбалот? Тренерот на Борнмут, Андони Ираола, го опиша тоа како тактика за „создавање движечка сила“.
– Станува збор за тоа дека секогаш сакаме да ја имаме првата шанса, првиот прекин пред другите тимови да почнат да играат – вели тој.

Долги фрлања од аут

Пред околу 20 години, Рори Делап, плејмејкер на Стоук, стана познато име поради начинот на кој ги изведуваше аутите во противничките казнени зони за време на натпреварите од Премиер-лигата. Тактиката одеднаш е повторно во мода. Според „Опта“, која обезбедува статистика за натпреварувањето, во првите седум кола од Премиер-лигата сезонава имало 262 долги фрлања од аут во противничкиот шеснаесетник. „Опта“ вели дека тоа е веќе 45 отсто од вкупниот број на целата ланска сезона. Пред неколку недели, првиот гол на Манчестер јунајтед во победата со 2-0 на дуелот со Сандерленд, постигнат од Бенџамин Шешко, дојде од тој извор. Еден ден подоцна, дефанзивецот на Брентфорд, Мајкл Кајод, го полнеше шеснаесетникот на Манчестер сити со фрлања од речиси насекаде во напаѓачката половина на теренот.
Долгите фрлања од аут може да бидат тешки за одбрана поради нивната пониска траекторија и зголемена точност во споредба со центрирањето. Тие, исто така, можат да предизвикаат хаос, пишува АП. Клубовите дури и вработуваат специфични тренери за изведување аути, како што е Томас Гронемарк, кој работеше под Јирген Клоп во Ливерпул и неодамна во Брентфорд, тим добро познат по тоа што е воден од податоци, во претходните три сезони.
– Фудбалот е спорт со малку погодоци. Друго би било ако беше кошарка, на пример, каде што постигнувате 100 поени. Но, во фудбалот, само еден гол може да направи разлика – вели Гронемарк за АП во телефонско интервју.
Тој рече дека тимовите едвај ја допреле површината на она што се способни да направат од изведувањата аут.
– Уште гледам недостиг од движење и создавање индивидуален простор. Се надевам дека во иднина ќе се зголеми бројот на фрлања од аут што се креативни и фантастични – рече тој.

Високиот број девет

Во 1970-тите и 1980-тите години англискиот фудбал имаше репутација дека е помалку технички и пофизички од многу од неговите европски колеги, често потпирајќи се на тоа да има висок напаѓач, кој ќе ја прима топката и ќе го ослободи притисокот, а токму тој тип централен напаѓач беше најбараната понуда во најновиот преоден рок, пишува АП. Манчестер јунајтед потпиша договор со Шешко, висок 195 см, Њукасл го ангажира Ник Волтемаде, висок 1,99 м, Челси и Арсенал ги донесоа Лиам Делап и Виктор Ѓокереш, двајца напаѓачи што сакаат физичка борба. Манчестер сити веќе го има Ерлинг Холанд.

Долгата топка од голманите

Во претходните години, во суштина откако Гвардиола пристигна во Англија, во 2016 година, голманите ги почнуваат нападите со играње кратки додавања до дефанзивците, наместо да ја шутираат топката долго до висок напаѓач, како што беше традицијата, пишува „Асошиејтед прес“. Зголемувањето на бројот на тимови што притискаат високо на теренот во обид да ја вратат топката во посед им даде можност на голманите да го победат пресингот со испраќање долга топка, и тоа е она што сега се случува сѐ повеќе. Дури и Гвардиола ги напушти своите долгогодишни верувања. Во текот на изминатиот месец тој го продаде својот голман што играше со топка, Едерсон, и го постави Сити во никогаш досега виден низок блок против Арсенал за да се потпре на контранапад или на долга топка до Холанд, пишува АП.
– Би сакал да не го направам тоа, но не можете да очекувате на ова ниво да не го направите тоа. Невозможно е – рече Гвардиола, пренесе АП.

Прекини

Прекините се врвно средство за израмнување на силите, начин тимовите да постигнуваат евтини голови или да се борат против противниците без да треба да трошат десетици милиони фунти за суперѕвезди, пишува АП. Тие се здобија со голема важност во Премиер-лигата и сега повеќето клубови имаат специјализирани тренери во оваа област, како што се Николас Жовер во Арсенал и Остин Мекфи во Астон вила. Кит Ендрус беше во Брентфорд како тренер за прекини, а сега е менаџер на тимот.
Според „Би-би-си“, 28,4 отсто од головите постигнати во првите шест кола во Премиер-лигата дојдоа од прекини, највисок процент во која било од претходните 10 сезони. Под водство на Жовер, Арсенал напредуваше во оваа област, постигнувајќи 36 погодока од корнери од почетокот на сезоната 2023/2024, што е за 15 повеќе од кој било друг. Силен во прекините, користење ги долгите уфрлања од аут, стратешки почетен удар, нов, физички број девет, Арсенал може да биде олицетворение на овој пристап кон враќање кон основите во англискиот фудбал. Тимот, во моментов, е на врвот на табелата, пишува АП. Н.М.