Фото: ЕПА

Канзас сити карент победи во својот прв натпревар под водство на Андоновски, поранешен селектор на репрезентацијата на САД, пред полн стадион, за кој клубот вели дека е првиот во САД изграден само за професионален фудбал за жени, пишува АП

ПРВЕНСТВО НА САД ЗА ФУДБАЛЕРКИ

Ванеса Дибернардо го постигна првиот гол за Канзас сити карент, чиј тренер е македонскиот стручњак Влатко Андоновски, на новиот стадион на клубот, во победата на дуелот со Портланд, со 5-4, во почетокот на регуларниот дел од сезоната за Националната женска фудбалска лига во САД.
Тоа беше првиот натпревар на стадионот, за кој клубот вели дека е првиот стадион во САД изграден само за професионален фудбал за жени, а приватно финансираниот објект од 120 милиони долари се наоѓа на бреговите на реката Мисури и има 11.500 седишта, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Билетите за натпреварот во саботата беа распродадени. Тоа беше и првиот меч од лигата емитувана на ТВ Еј-би-си, како дел од новиот договор за правата на медиумите на лигата. Лигата потпиша нов договор за преноси во вредност од 60 милиони долари годишно, пишува АП.
Канзас сити карент победи во својот прв натпревар под водство на Влатко Андоновски, поранешен селектор на репрезентацијата на САД, кој беше и тренер во ФК Канзас сити, еден од основачките тимови на лигата, кој играше од 2013 до 2017 година, пишува АП. Н.М.