ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
- Ако два или повеќе тима имаат ист број бодови по осмото коло, тогаш се применуваат 10 критериуми за да се одреди нивниот пласман (лани две екипи беа израмнети според пет), а еден од критериумите е и, на пример, поголемиот број вкупно постигнати голови од противниците во лигашката фаза
Во последните две кола од лигашката фаза сезонава за пласманот на табелата важен ќе биде секој гол, и тоа и на клубовите што се тркаат за повисок пласман, но и на нивните ривали со кои се сретнале сезонава, оти и од ефикасноста на тие тимови може да им зависи местото на табелата, според податоците на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Ако два или повеќе тима имаат ист број бодови по осмото коло, тогаш, во согласност со правилниците за натпреварување се применуваат 10 критериуми за да се одреди нивниот пласман.
Така, прво што се гледа е кој тим има подобра вкупна гол-разлика, а ако тоа е идентично, потоа во игра влегуваат поголемиот број постигнати голови, поголемиот број постигнати голови на гости, кој има повеќе победи, поголемиот број победи на гости, поголемиот број вкупно освоени бодови од противниците во лигашката фаза, подобрата вкупна гол-разлика на противниците во лигашката фаза, поголемиот број вкупно постигнати голови од противниците во лигашката фаза, помалиот број дисциплински поени врз основа на жолти и црвени картони добиени од играчите и од службените лица на тимовите во сите натпревари (црвен картон – три поени, жолт картон – еден поен, исклучување за два жолти картона во еден натпревар – три поени) и повисокиот коефициент на клубот, пишува Европската фудбалска унија.
По шест кола три тима имаа по 13, седум, шест, односно три бода, по четири клуба освоија по 12, односно по 10 бода, пет екипи имаа по девет… Од 36-те тима сами според освоените бодови беа Арсенал со 18 и ПСВ Ајндховен со осум. Минатата сезона, Реал Мадрид и Баерн на табелата беа израмнети според пет критериуми, и тоа со освоените бодови, вкупната гол-разлика, постигнатите голови, постигнатите голови на гости и според вкупниот број победи, па беа раздвоени според вкупниот број победи на гости.
По осум кола директно во осминафиналето ќе се пласираат првите осум тима, а следните 16 екипи ќе настапат во доигрувањето за влез меѓу 16-те најдобри екипи сезонава.
Во седмото коло синоќа играа Каират – Клуб Бриж, Бодо – Манчестер сити, Копенхаген – Наполи, Интер – Арсенал, Олимпијакос – Баер, Реал Мадрид – Монако, Спортинг – Пари сен Жермен, Тотенхем – Борусија Дортмунд и Вилјареал – Ајакс, а денеска се среќаваат Галатасарај – Атлетико Мадрид, Карабах – Ајнтрахт (двете од 18.45 часот), Аталанта – Атлетик Билбао, Челси – Пафос, Баерн – Унион СЖ, Јувентус – Бенфика, Њукасл – ПСВ Ајндховен, Марсеј – Ливерпул и Славија – Барселона (сите од 21 часот). Н.М.
































