Пеле засега е недостижен, а шеснаесетмина ќе играат за втора титула

Само кралот на фудбалот има три светски титули, а уште 20 други фудбалери освоиле по две. На СП 2022, вкупно 16 фудбалери ќе играат и за влез на оваа шампионска листа со играчи со повеќе од една планетарна фудбалска круна, и тоа се членови на репрезентациите што победија на претходните три мундијали, Франција, Германија и Шпанија

ДОСЕГА 445 ФУДБАЛЕРИ ПОБЕДИЛЕ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА

Бразилецот Пеле е рекордер со три титули светски фудбалски првак, освоени на планетарните шампионати на три континента, во 1958 година во Шведска, во 1962 година во Чиле и во 1970 година во Мексико. На секое од тие светски првенства (СП), кралот на фудбалот постигна барем еден гол (вкупно на мундијалите одигра 14 меча и постигна 12 погодока, и тоа шест на СП 1958, по еден на СП 1962 и 1966 и четири на СП 1970), настапи во две финалиња во кои постигна вкупно три гола (два во 1958 и еден во 1970 година).
Тој и по СП 2022 ќе остане недостижен, оти ниту еден од актуелните фудбалери не освоил два трофеја на мундијалите. Со по две титули светски првак се 20 фудбалери. Од нив 15 се од Бразил (во 1958 и во 1962 година славеа Белини, Кастиљо, Диди, Џалма Сантос, Гаринча, Жилмар, Мауро, Нилтон Сантос, Пепе, Вава, Марио Загало, Зито и Зозимо, а златни медали на СП 1994 и 2002 освоија Кафу и Роналдо), четворица од Италија (Џовани Ферари, Гвидо Масети, Џузепе Меаца и Ералдо Монѕељо на СП 1934 и 1938) и еден од Аргентина (Даниел Пасарела, на СП во 1978 и во 1986 година). Од нив без настап во финалето се Кастиљо, Масети и Пепе, во по едно финале играле Белини, Мауро, Монѕељо, Пасарела, Роналдо и Зозимо, а сите други играа во по две победнички финалиња на светските првенства.
За запишување на оваа шампионска листа со фудбалери со повеќе од една светска титула, на Светското првенство во Катар од недела ќе конкурираат уште дваесетина фудбалери, и тоа од актуелниот светски првак, селекцијата на Франција, како и од победниците на двата мундијала пред тоа, репрезентациите на Германија (во 2014 година) и на Шпанија (во 2010 година).
Од Франција во актуелниот состав има 11 што беа во составот на СП 2018, и тоа голманите Иго Лорис, Стив Манданда и Алфонс Ареола, потоа одбранбените фудбалери Бенжамин Павар, Преснел Кимпембе, Рафаел Варан и Лукас Хернандез, како и напаѓачите Антоан Гризман, Оливие Жиру, Килијан Мбапе и Усман Дембеле. Од Германија тоа се Мануел Ноер (голман), Матијас Гинтер (одбрана), Марио Геце и Томас Милер (среден ред/напад), кои славеа светска титула во 2014 година и сега се во составот на таа репрезентација. Во 2010 година Шпанија стана светски првак, а и тогаш и сега во составот е Серхио Бускетс, кој сега е капитен.
Од другите податоци, Кафу е единствениот што настапи во три финалиња (1994, 1998 и 2002), ниту еден фудбалер нема две титули како капитен, но Лорис сега има таква шанса, Пеле и Вава се единствените што постигнале гол во две финалиња за победнички репрезентации (таква шанса сега ќе имаат Геце, Гризман и Мбапе)… Паул Брајтнер од Германија (СП 1974 и СП 1982) и Зинедин Зидан од Франција (СП 1998 и СП 2006) постигнаа голови во две финалиња, но победија само во нивните први настапи во таков меч. Мирослав Клосе од Германија е единствениот што освои четири медали на СП, и тоа сребро во 2002 година, потоа во 2006 и во 2010 освои бронзи и злато во 2014 година.
Вкупно 445 фудбалери досега освоиле светска титула, а таа бројка по СП 2022 може да се покачи на најмногу 471, ако некоја друга селекција, освен Франција, Германија и Шпанија, стане планетарен шампион.


НАЈТРОФЕЈНИ ФУДБАЛЕРИ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА

Три титули: Пеле (Бразил)
Две титули: Белини, Кастиљо, Диди, Џалма Сантос, Гаринча, Жилмар, Мауро, Нилтон Сантос, Пепе, Вава, Марио Загало, Зито, Зозимо, Кафу, Роналдо (Бразил), Џовани Ферари, Гвидо Масети, Џузепе Меаца, Ералдо Монѕељо (Италија) и Даниел Пасарела (Аргентина)
НА СП 2022 ЌЕ ИГРААТ ЗА ВТОР ЗЛАТЕН МУНДИЈАЛСКИ МЕДАЛ
Франција (11): Иго Лорис, Стив Манданда, Алфонс Ареола (голмани), Бенжамин Павар, Преснел Кимпембе, Рафаел Варан, Лукас Хернандез (одбрана), Антоан Гризман, Оливие Жиру, Килијан Мбапе, Усман Дембеле (напад)
Германија (4): Мануел Ноер (голман), Матијас Гинтер (одбрана), Марио Геце, Томас Милер (среден ред/напад)
Шпанија (1): Серхио Бускетс (среден ред)


Бразил има најмногу титули, Германија најмногу финалиња и медали

Во трката со светски фудбалски титули репрезентацијата на Бразил води со пет трофеи (победи во 1958, 1962, 1970, 1994 и во 2002 година) од седум финалиња (порази во 1950 и во 1998 година), со 71,4 отсто успешност. Бразил е единствената селекција со настап на сите досегашни светски првенства (СП), а покрај златните и сребрените медали има и две бронзи (на СП во 1938 и во 1978 година).
Германија има 50-отстотен ефект во финалињата, со четири триумфи (1954, 1974, 1990 и 2014 година) и исто толку сребрени медали (1966, 1982, 1986 и 2002 година), а има и четири трети места на СП (1934, 1970, 2006 и 2010).
Италија, која нема да игра на СП 2022, откако загуби од Македонија во полуфиналето на плејофот годинава, има 67-отстотен ефект со четири титули (1934, 1938, 1982 и 2006 година) од шест финалиња (уште и во 1970 и 1994 година). Италија освои и еден бронзен медал (1990).
Од репрезентациите со по две титули стоотстотен ефект од финалињата има Уругвај (1930 и 1950 година). Франција има две победи (1998 и 2018) и еден пораз (2006), како и две трети места (1958, 1986), а Аргентина два триумфа (1978, 1986) и три пораза во финале (1930, 1990 и 2014). Англија и Шпанија досега имаат по една светска титула од учествата во по едно финале (во 1966, односно во 2010 година).
Финалисти досега биле уште пет репрезентации, и тоа Холандија (СП 1974, 1978 и 2010), Чехословачка (1934 и 1962), Унгарија (1938 и 1954), Шведска (1958) и Хрватска (2018).
Вкупно четири репрезентации ги освоиле сите три медали на светските првенства. Германија има најмногу, вкупно 12 (по четири злата, сребра и бронзи), Бразил има девет (5-2-2), Италија седум (4-2-1), а Франција пет (2-1-2). Пет медали има и Аргентина (2-3-0), а од шампионите Уругвај, Англија и Шпанија имаат само еден вид медал, златен.


ДОСЕГАШНИ СВЕТСКИ ПРВАЦИ

Бразил 5 2 2
Италија 4 2 1
Германија 4 4 4
Аргентина 2 3 0
Франција 2 1 2
Уругвај 2 0 0
Англија 1 0 0
Шпанија 1 0 0

колоните се златни, сребрени и бронзени медали на СП


Трка и за влез во елитниот клуб на двојни шампиони

Карим Бензема и Едуардо Камавинга од Франција, Лука Модриќ од Хрватска, Тибо Куртоа и Еден Азар од Белгија, Дани Карвахал и Марко Асенсио од Шпанија, Едер Милитао, Каземиро, Винисиус Жуниор и Родриго од Бразил, Федерико Валверде од Уругвај, Герет Бејл од Велс и уште неколку други од ланскиот состав на Реал Мадрид ќе играат и за престижното достигнување во иста година да станат клупски прваци на Европа и светски шампиони со репрезентација. Претходно тоа им успеа на 11 фудбалери, и тоа на Ули Хенес, Герд Милер, Франц Бекенбауер, Паул Брајтнер, Ханс-Георг Шварценбек, Сеп Маер, Јуп Капелман (со Баерн и со Германија во 1974 година), Кристијан Карембе (Реал Мадрид и Франција во 1998-ма), Роберто Карлос (Реал Мадрид и Бразил во 2002 г.), Сами Кедира (Реал Мадрид и Германија во 2014-та) и на Рафаел Варан (Реал Мадрид и Франција во 2018 година).