ФУДБАЛ – В СРЕДА ВО УДИНЕ
Со мечот в среда во Удине (Италија) почнува трката сезонава по нови меѓународни трофеи, откако на програмата е натпреварот од Суперкупот на Европската фудбалска унија (УЕФА) меѓу актуелниот европски првак Пари сен Жермен (Франција) и победникот на Лига Европа, Тотенхем (Англија). Двата клуба играат за прв триумф во Суперкупот на УЕФА, пишува Европската фудбалска унија.
Суперкупот на УЕФА е годишен натпревар во кој учествуваат актуелните победници на Лигата на шампионите и на Лига Европа, осмислен од холандскиот новинар Антон Виткамп, во меч во кој европските прваци секогаш биле вклучени, соочувајќи се со освојувачите на трофеите во некогашниот Куп на победниците на куповите на УЕФА (од 1973 до 1999 година) или со победниците на Купот на УЕФА, сега Лига Европа (од 2000 година), пишува УЕФА. Суперкупот на УЕФА се игра од 1973 година, до 1997 година се играше како двомеч, од 1998 до 2012 година се играше еден натпревар во Монако, а потоа се менуваа градовите домаќини. Удине ќе биде 13-ти град во кој ќе се игра Суперкупот, а меѓу домаќините беше и Скопје, во 2017 година.
Дваесет и пет тима од 12 земји го освоиле досега Суперкупот на УЕФА во текот на годините. Реал Мадрид сега е сам на врвот како најуспешен тим во натпреварувањето, откако лани славеше на дуелот со Аталанта со 2-0 и го забележа својот шести триумф во Суперкупот. Милан и Барселона имаат по пет триумфа, Ливерпул четири… Н.М.