Фото: ЕПА

Победникот на вечерашниот финален натпревар во Лигата на шампионите ќе ја освои европската титула и ќе добие можност да игра за уште три други трофеи, во Суперкупот на УЕФА и во Интерконтиненталниот куп годинава, како и на клупското Светско првенство во 2029 година

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Вечерашното финале (од 21 часот, во Минхен, Германија) ќе биде прва средба во Лигата на шампионите (ЛШ) меѓу Пари сен Жермен и Интер и само второ финале помеѓу екипи од Франција и од Италија, по 1993 година, кога Марсеј го совлада Милан со 1-0 (и тој натпревар се играше во Минхен, на Олимпискиот стадион), пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
– Ова е второ финале за Интер во три години. Тие се подготвени. Не направија премногу промени на својата екипа. Тоа е тим што доминира од прекини. Наше е да одиме во финалето со вистинската состојба на умот. Многу пораснавме сезонава и играчите многу напредуваа. Мислам дека силата на тимот е најважна работа. Секој ден учиш нешто по долгогодишното искуство како тренер, а јас постојано се подобрувам со оваа група – рече Луис Енрике, тренерот на Пари сен Жермен, пренесе Европската фудбалска унија.
Пари сен Жермен досега играше во едно финале на Лигата на шампионите, во 2020 година, кога загуби од Баерн, во Лисабон (Португалија). Интер е трикратен европски првак, третиот трофеј го освои во 2010 година и од тогаш учествуваше во уште едно финале под водство на тренерот Симоне Инѕаги, во 2023 година, кога загуби од Манчестер сити.
– Играчите направија нешто извонредно. Одигравме четири неверојатни натпревари против два тима од светска класа како Баерн и Барселона. Беше одлично да го прославиме пласманот во финалето со нашите навивачи – вели Инѕаги, тренерот на Интер, пренесе УЕФА.
Двата клуба околу две недели по финалето во Лигата на шампионите ќе го почнат и настапот на реформираното клупско Светско првенство (СП) во САД, прво на кое ќе играат 32 тима од целиот свет. Пари сен Жермен се наоѓа во групата Б и ќе се сретне со Атлетико Мадрид (Шпанија), Ботафого (Бразил) и со Сиетл (САД), а Интер ќе настапи во групата Е, во која се и Ривер плата (Аргентина), Урава (Јапонија) и Монтереј (Мексико).
Победникот на вечерашниот финален натпревар во Лигата на шампионите ќе ја освои европската титула и ќе добие можност да игра за уште три други трофеи. Така, новиот европски првак летово ќе настапи во Суперкупот на УЕФА, каде што ќе се сретне со победникот на Лига Европа, Тотенхем, а според актуелниот систем на квалификации годинашниот победник во Лигата на шампионите ќе обезбеди учество на второто издание на Интерконтиненталниот куп на Светската фудбалска федерација (ФИФА), годинава, на кој ќе играат актуелните континентални прваци, како и на следниот клупски Мундијал, во 2029 година, на кој од Европа, како и годинава, треба да настапат 12 тима, и тоа четирите европски шампиони од 2025 до 2028 година и осум најдобри клуба според ранг-листата на УЕФА во тој четиригодишен период според резултатите во европските купови. Н.М.