Италија е мојот втор дом, тука ми се и децата, но во срцето секогаш ќе ми биде Македонија, кажа најдобриот македонски фудбалер на сите времиња Горан Пандев за „РАИ Спорт“. Напаѓачот на италијанска Џенова се осврна и на претстојниот полуфинален меч од баражот за пласман на Светското првенство во Катар, во кој Македонија ќе се сретне со Италија.
– Италија е фаворит со оглед што игра на домашен терен, а згора е и актуелен европски шампион. Но, Македонија верува во успех и ние, едноставно немаме што да загубиме – порача Пандев, додавајќи дека навивачите веруваат во македонските репрезентативци кои во баражот ќе играат без притисок.
Пандев ја опиша одлуката за повлекување од репрезентативниот дрес по настапот на минатото Европско првенство како најдобра солуција за сите.