Двајцата потекнуваа од тогашната југословенска Покраина Војводина. Врбица заигра за Вардар во 1966 година, а Рац првпат го облече дресот на скопјаните две години подоцна. Двајцата ги исполнија очекувањата и задоволни заминаа од Скопје

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (346)

ОД ФУДБАЛСКОТО МИНАТО (4)

Имаше повеќе фудбалери во 1960-тите години што дојдоа во Вардар. Некои останаа подолго, други не, но факт е дека сите тие оставија нешто зад себе за да се сеќаваме на нив. Меѓу оние што на некој начин влегоа во историјата на клубот беа Крсто Врбица и Владимир Рац. Двајцата дојдоа во Скопје од тогашната југословенска Покраина Војводина, која во фудбалски поглед барем според резултатите и бројот на прволигашите може да се каже оти беше за чекор пред Македонија. Ова го потврдува и фактот што низ Првата југословенска лига од Војводина продефилираа пет клуба, Војводина од Нови Сад, која беше афирмирана и на меѓународната сцена, потоа Спартак од Суботица, Пролетер од Зрењанин, Црвенка од истоименото место и ФК Нови Сад. За разлика од Војвоѓаните ние имавме само еден стабилен прволигаш, Вардар. Од другите клубови само Работнички во една сезона, 1953/54, се „прошета“ меѓу прволигашите и веднаш испадна, за по триесетина години, истата судбина да ја доживее и Тетекс, а пред распадот на поранешната држава и Пелистер го почувствува прволигашкиот мирис, но и тоа беше за многу кус период. Од тие причини што војводинските клубови беа со потврден прволигашки потенцијал, создаваа многу повеќе квалитетни фудбалери, кои подоцна заминуваа во другите југословенски клубови меѓу кои беше и Вардар. Така и во дресот на скопскиот тим се појавија осуммина фудбалери, кои станаа стандардни првотимци. Повозрасните љубители на фудбалот се сеќаваат на нив и често кога евоцираат спомени од минатото ги споменуваат Јован Дробац, Лазар Плачков, Владимир Рац, Крсто Врбица, Мирослав Драганиќ и голманите Драган Мутибариќ, Бошко Кајганиќ и Деливоје Шаренац.

Бековскиот тандем Дробац-Рац

За Јован Дробац, кој беше еден од првите што дојде во Вардар во 60-тите години на минатиот век веќе пишував. Овој пат во куси црти ќе го претставам и Владимир Рац, кој заедно со Дробац три сезони беа незаменлив бековски тандем во Вардар. Рац, роден во Руски Крстур во 1943 година, во своите први фудбалски години од 1961 до 1963 настапуваше за месниот клуб, а подоцна кариерата ја продолжи во Војводина, а потоа и во Вардар.
– Рац беше скромен и многу не се експонираше. Тој одлично си ја вршеше работата настапувајќи на позицијата лев бек и сите беа задоволни од неговите игри. Дробац, кој беше дојден пред него во Вардар и се стабилизира на десната бековска позиција, многу му помогна на Рац за и тој да се вклопи во вардаровата одбранбена линија. Со оглед на тоа што двајцата добро се уиграа и ние бевме посигурни кога ќе тргневме во напад. Знаевме дека зад нас има една двојка што ќе го штити голот. Кога на ова ќе се додаде оти тука меѓу нив беше и искусниот и бескомпромисен Атанас Мечкаров, тогаш ќе стане јасно колку беше цврста нашата одбрана – вели нивниот соиграч од тоа време Диме Георгиев.
Оваа тројка одигра значајна улога во еден период, кога Вардар постигнуваше добри резултати и беше цврст орев за сите прволигаши. Тоа беше периодот кога во меѓународниот „Митропа-куп“ дури двапати беше совладан италијанскиот прволигаш Калјари. Но како што често се случува во фудбалот, па и во спортот воопшто, некогаш доаѓаат и кризи. Токму таквата криза што го зафати Вардар беше причина во 1970 година да испадне од Првата лига. Тоа беше голем удар за скопскиот тим и за неговите симпатизери, со кој не можеа да се помират ниту фудбалерите ниту навивачите. На Вардар во трката за опстанок му недостигаше само еден бод за да не го загуби прволигашкиот статус. Но, ете, и тоа се случи. Меѓутоа, ова испаѓање за многу фудбалери беше знак за напуштање на клубот и барање нова прволигашка средина. Тогаш, всушност, Вардар се раздели со својот бековски тандем Дробац-Рац. Но клубот брзо се консолидира и овој пат предводен од својата голема играчка и тренерска легенда Кирил Симоновски-Џина, веќе следната сезона се врати онаму каде што му беше местото, во Првата југословенска лига.

Хуго им го покажа патот на Војвоѓаните

За Вардар низ цела поранешна Југославија се зборуваше само во суперлативи, што беше потврдено и од ривалите, кои секогаш со голем респект и без потценување влегуваа во дуелите со македонскиот тим. Можеби, по оние тимови од „големата четворка“, Вардар со Железничар, Сараево и со Војводина беа најпривлечните клубови за југословенските љубители на фудбалот. Оти е ова така го потврдува и фактот што Вардар каде и да гостуваше го следеа повеќе од 10 илјади гледачи, за разлика на некои други екипи од елитното друштво, чие гостување на противничките терени не предизвикуваше толкаво интересирање, па се случуваше на нивните гостувања да има одвај по 4-5.000 гледачи. Со Вардар никаде и никогаш не беше така. Едноставно имаше нешто интересно што ги привлекуваше гледачите, кога гостуваше македонскиот тим да дојдат во поголем број на стадионите. Дали тоа беа неговите игри, кои секогаш беа отворени и фер, дали, пак, имињата на фудбалерите што ги бранеа боите на клубот или, пак, тренерите? Во секој случај имаше нешто што ги скокоткаше фудбалџиите да дојдат и да го видат Вардар на дело.
Нема да згрешам ако кажам дека причината за тоа може да се бара и кај оние што по Втората светска војна беа на кормилото на тимот. Да го споменам повторно Илеш Шпиц, големото име од унгарско потекло, традицијата продолжи со нови тренерски имиња, и тоа повторно со унгарско потекло, Антал Лика и Хуго Рушевљанин, за кого напишав оти беше иноватор на многу нешта во скопскиот клуб. Хуго беше голем авторитет, кој еден период беше во Партизан, а и во стручниот штаб на југословенската репрезентација. Инаку, тој како професионален новинар на „Маџар Со“, весник што излегуваше на унгарски јазик во Нови Сад, доби голем авторитет и популарност меѓу спортскиот свет. Сега, дојдов до она што сакав да го потенцирам, а тоа е дека можеби Хуго беше главниот иницијатор во Вардар, во 1960-тите години да дојдат повеќе квалитетни фудбалери од Војводина. За некои од нив поопширно пишував, а сега, покрај Рац за кого погоре пишував, во кратки црти истото тоа ќе го направам и за уште еден фудбалер од војводинските простори, Крсто Врбица.

Со головите на Врбица, Вардар повторно во Првата лига

Не само мене туку речиси на сите вардарови навивачи, во убаво сеќавање им остана и Крсто Врбица. Тој беше дружељубив, со широка душа и боемски манири. Но тоа што беше таков и што со секого имаше комуникација, не значи оти ги запоставуваше професионалните обврски кон Вардар. Напротив, кога се работеше за Вардар, тој секогаш ги оставаше на страна сите други работи и беше посветен само на тимот и на неговите игри. Ова го кажувам и од причина што другарував со него и добро го запознав. Интересно за Врбица беше што кога дојде од Војводина во Вардар во 1966 година сите очекуваа тој да биде еден од најекспонираните голгетери. Но во првата година во дресот на скопскиот прволигаш не постигна ниту еден гол. Причината може да се бара во фактот што имаше мала минутажа и настапи само на девет првенствени натпревари. Во втората сезона со иста минутажа и на исто толку одиграни првенствени натпревари веќе почна да се буди и постигна два гола.
Во третата сезона, кога имаше добра минутажа и настапи дури на 24 средби, сите очекуваа Врбица конечно да се разбуди, но тој не постигна ниту еден гол. Истото му се случи и во следната година кога на 12 меча остана без постигнат гол. Ова се должеше веројатно на фактот што од тренерскиот тандем Варагиќ-Божиновски добиваше други тактички задолженија, кои не му овозможуваа да биде толку слободен во играта и постојано да атакува. Ова беше и една од најтешките сезони за целиот тим, кој играше под очекуваното ниво и забележа само девет победи, доживеа дури 17 порази, а имаше и осум нерешени средби. Ваквиот биланс беше пресуден Вардар да го загуби прволигашкиот статус и да се пресели во Втората лига, Источна група.
Ова испаѓање од елитната лига како да го разбуди раководството на клубот, кое презеде енергични чекори за брзо враќање меѓу прволигашите. За среќа, со Џина Симоновски на кормилото на тимот тоа и се случи и Вардар повторно се врати меѓу прволигашите. Но кога реков се разбуди раководството мислев и на будењето на Крсто Врбица. Тој во таа сезона сакајќи да се докаже, беше незапирлив и стана прв стрелец на Вардар со 16 постигнати гола, седум повеќе од вториот стрелец Ванчо Балевски. Ова беше онаа вистинска сезона на Врбица, во која стана миленик на публиката, па така, ја продолжи својата „љубов“ со скопскиот тим до 1973 година. Потоа, заигра за клубот од родниот град, Стара Пазова, во кој и ја заврши кариерата. Во Скопје ќе се памети по годината кога беше прв стрелец на Вардар и еден од најзаслужните за неговото враќање во Првата лига во 1970 година, а и по настапите две години порано во „Митропа-купот“, во кој имаше дури три победи, две против Калјари и една против австрискиот ЛАСК.
Ете, тоа беше претставувањето на двата војводински фудбалери Владимир Рац и Крсто Врбица, кои беа дел од Вардар со забележителен учинок во неговите игри и афирмацијата на клубот на југословенската, но и на меѓународната сцена.
Следната недела ќе имате можност да прочитате како изгледаше кариерата на Душан Шуица, кој дојде од косовски Липлјан и стана еден од главните играчи на Вардар.