Англија и Шпанија беа финалисти и на Светското првенство за фудбалерки во 2023 година, а селекции од двете земји играа меѓу себе во финалето на Европското првенство за фудбалери лани. В недела, во Базел, Англија ќе игра за одбрана на европската титула, а Шпанија за тројна круна, бидејќи е актуелен светски шампион и победник на Лигата на нациите
ФУДБАЛ
Трета година по ред на големи меѓународни сениорски фудбалски натпреварувања во финале ќе играат репрезентации на Англија и на Шпанија, откако двете селекции в недела ќе се сретнат на мечот за титулата на Европското првенство (ЕП) за фудбалерки, кое се одржува во Швајцарија. Женските репрезентации на Англија и на Шпанија беа финалисти и на Светското првенство во 2023 година, а машките селекции играа меѓу себе во финалето на Европското првенство во 2024 година.
В недела, во Базел, Англија ќе игра за одбрана на европската титула, која ја освои во 2022 година, а Шпанија ќе се натпреварува за тројна круна, бидејќи е актуелен светски шампион од 2023 година и победник на Лигата на нациите од лани. Во полуфиналињата на ЕП 2025, Англија ја победи Италија со 2-1, а Шпанија славеше на дуелот со Германија со 1-0, а двата меча се играа со продолженија, откако по 90 минути игра беше нерешено.
Селекторката на Англија, Сарина Вигман, беше селекторка на рекордни 16 натпревари на европските првенства за жени и триумфира на претходните два турнира, со Холандија во 2017 година и со Англија во 2022 година, двата пати како домаќини и со 100 отстотен победнички резултат, а на нејзините пет европски и светски првенства со двете репрезентации, нејзината селекција секогаш стигнуваше до финалето, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Репрезентацијата на Шпанија никогаш не стигнала до големо финале во женска конкуренција пред 2023 година и сега се стреми кон својата трета титула, по Светското првенство и Лигата на нациите, а ако победи, ќе биде првата земја што ги освоила сите тековни натпреварувања на Европската фудбалска унија за репрезентации, мажи или жени, сениори или млади, фудбал или футсал, и тоа ЕП во фудбал за мажи и за жени, ЕП во футсал за мажи и за жени, Лига на нациите за мажи и за жени, Европско првенство до 21 година за мажи, Европско првенство до 19 години за мажи и за жени, Европско првенство во футсал до 19 години за мажи, Европско првенство до 17 години за мажи и за жени, пишува УЕФА. Н.М.