Првичната идеја за европско натпреварување е од 1927 година. Првенствата за репрезентации веќе беа почнати на другите континенти до моментот кога идејата за европски шампионат почна да се реализира во 1950-тите години. Европското првенство во фудбал, кое почна со учество на 17 репрезентации во квалификациите за ЕП 1960, претрпе многу измени во тој период од повеќе од 60 години
ФУДБАЛ – ВО ПРЕСРЕТ НА 17-ТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО (10)
До почетокот на ЕП 2024 во неколку продолженија ви пренесуваме приказни, факти, значајни моменти… од минатите изданија на европските првенства
Европското првенство во фудбал е еден од најголемите спортски настани во светот, иако генезата на натпреварувањето беше потешка отколку што можеше да се очекува, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Во пресрет на годинашното континентално првенство во Германија, во неколку продолженија ви пренесуваме приказни, факти, значајни моменти од минатите шампионати.
Првенствата за репрезентации веќе беа почнати на другите континенти до моментот кога идејата за европско натпреварување за репрезентации почна да се реализира во 1950-тите години. Во времето кога се роди Европската фудбалска унија, во 1954 година, поттикот за европско првенство доаѓаше од угледниот француски спортски весник „Лекип“, кој предложи натпреварување со дуели дома и на гости, кои ќе се играат во средината на неделата, навечер. На оваа желба за ваков турнир се придодаде Анри Делоне, првиот генерален секретар на Европската фудбалска унија и поранешен генерален секретар на Француската фудбалска асоцијација.
Во 1927 година, Делоне веќе поднел предлог до Светската фудбалска федерација (ФИФА), заедно со австрискиот функционер Хуго Мајсл, за создавање европски куп, кој ќе се одвива паралелно со светските првенства, кое би вклучувало квалификациско натпреварување секои две години, пишува УЕФА. Делоне, кој напиша по инаугуративното собрание на Европската фудбалска унија во Базел во 1954 година дека идејата е за натпреварување отворено за сите европски асоцијации, инсистираше на тоа дека ова натпреварување не треба да има бесконечен број мечеви, ниту, пак, треба да му наштети на Светското првенство, а учесниците не треба секогаш да бидат принудени да се среќаваат со истите противници во иста група. По смртта на Делоне во 1955 година, неговиот син Пјер им се придружил на француските новинари во обидот за иницирање на Купот на европските нации. Последователно, Пјер Делоне беше назначен за секретар на Организацискиот комитет на Купот на европските нации и затоа можеше одблиску да го набљудува процутот на натпреварувањето што го посакуваше неговиот татко.
Откако беше постигнат договор дека шампионатот ќе биде основан, новото натпреварување беше именувано како „Куп Анри Делоне“. За инаугуративниот турнир учествуваа околу половина од земјите членки на Европската фудбалска унија, вкупно 17, една повеќе од потребниот минимум. Република Ирска беше елиминирана од Чехословачка во квалификацискиот плејоф (двете селекции се сретнаа по ждрепката), првиот првенствен натпревар се одржа на 28 септември 1958 година во Москва, СССР ја победи Унгарија со 3-1, а инаугуративното натпреварување се играше повеќе од 22 месеци помеѓу 1958 и 1960 година, пишува Европската фудбалска унија.
Идната недела: Кој може да освои двојна круна?