Идејата за светски првак и за посебно светско првенство за репрезентации еволуира по воведувањето на фудбалот на ЛОИ 1908, што, пак, кулминира со организацијата на првото СП, во 1930 година. Официјалните клупски натпревари на меѓународна сцена, пак, во организација на континенталните федерации почнаа како континентални првенства за клубови, прво во Европа од 1956 година, а потоа во Јужна Америка од 1960 година. Истовремено почна да се развива и идејата за планетарно натпреварување на клубови
ФУДБАЛ – КЛУПСКИ НАТПРЕВАРИ ЗА СВЕТСКАТА ТИТУЛА (1)
Мечевите за светската фудбалска титула, репрезентативна и клупска, еволуираа низ годините, двете почнаа на ист знаменит стадион, а и двете натпреварувања годинава и в година ќе ја имаат новата трансформација. Во пресрет на клупското Светско првенство (СП) во САД од 14 јуни, прво на кое ќе учествуваат 32 клуба, следуваат неколку продолженија за натпреварувањето, кое почна како двомеч на шампиони на два континента, а прерасна во едномесечен глобален турнир со 32 клуба од целиот свет.
Меѓународните натпревари на клубови датираат од втората половина на 19 век, кога меѓу себе играле тимови од Англија и од Шкотска, а подоцна, во првата деценија на 20 век биле организирани и првите турнири со учество на клубови од повеќе земји. Идејата за светски првак и за посебно светско првенство за репрезентации еволуира по воведувањето на фудбалот на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 1908 година, што, пак, кулминира со организацијата на првото Светско првенство, во 1930 година.
Официјалните клупски натпревари на меѓународна сцена, пак, во организација на континенталните федерации почнаа како континентални првенства за клубови во организација на соодветните фудбалски федерации, прво во Европа од 1956 година, а потоа во Јужна Америка од 1960 година… Истовремено почна да се развива и идејата за планетарно натпреварување на клубови, биле одиграни неколку такви пријателски дуели, а врвот на сето тоа е договорот помеѓу Европската фудбалска унија (УЕФА) и Фудбалската конфедерација на Јужна Америка (КОНМЕБОЛ) за одигрување двомеч за светска клупска титула меѓу прваците на тие два континента, во тоа време без поддршка од Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Во пресрет на клупското Светско првенство во САД од 14 јуни, прво со учество на 32 клуба од целиот свет, следуваат неколку продолженија за натпреварувањето, кое почна како двомеч на шампиони на два континента, а прерасна во едномесечен глобален турнир
Така, откако на стадионот „Сентенарио“ во Монтевидео (Уругвај), на 30 јули 1930 година беше одреден првиот светски шампион за репрезентации, речиси 30 години подоцна, на 3 јули 1960 година, на истиот стадион се одигра и првиот натпревар од финалето на првиот планетарен шампионат за клубови. Тоа натпреварување тогаш беше именувано како Интерконтинентален куп и во него играа актуелните прваци на Европа и на Јужна Америка. Во 1960 година се сретнаа Реал Мадрид (Шпанија) и Пењарол (Уругвај), а по ремито без голови во првата средба, Реал Мадрид на 4 септември победи дома со 5-1 и ја освои првата светска фудбалска круна.
Следуваа многу возбудливи натпревари, титулата ја освојуваа и македонски фудбалери, многу играчи ги обединија репрезентативните и клупските светски титули, двомечот (дома и на гости) се претвори во еден натпревар на неутрален терен, во Токио (Јапонија), потоа Светската фудбалска федерација (ФИФА) стана организатор турнир на кој настапуваа по еден претставник на секој континент, а годинава почнува нова ера, со глобален едномесечен шампионат, турнир што ќе се игра секои четири години. За годините без Светско клупско првенство, пак, ФИФА воведе турнир, со исто име како претходникот на клупското СП, Интерконтинентален куп, на кој ќе настапуваат само годишните континентални прваци (првото се одигра лани, победи Реал Мадрид).
Официјалните натпреварувања на кои се одредувал светски клупски шампион се играа како Интерконтиненталниот куп од 1960 до 2004 година, како Светското клупско првенство на Светската фудбалска федерација во 2000 и потоа од 2005 до денес, а од лани и Интерконтиненталниот куп на ФИФА. Вкупно 31 клуб ја освоиле титулата на овие натпреварувања, а рекордер е Реал Мадрид, со девет трофеи. Н.М.
(продолжува)