Според новото правило, кое беше едногласно одобрено од ИФАБ и ќе важи од летово, ако голман ја држи топката во своите раце повеќе од осум секунди, ќе биде досуден корнер за противникот
ФУДБАЛ
Ако фудбалски голман ја држи топката повеќе од осум секунди во своите раце, од ова лето ќе биде досуден корнер за противникот, пишува „Би-би-си“. Новото правило, кое беше едногласно одобрено од Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) на годишниот генерален состанок одржан во Северна Ирска, во саботата, ќе се применува од 1 јули, но ќе биде во сила и на клупското Светско првенство (СП), во САД, од 15 јуни до 13 јули.
Според сегашните правила, чуварите на мрежата треба да бидат казнети ако ја држат топката повеќе од шест секунди, а противникот ќе добие индиректен слободен удар. Но извршниот директор на Фудбалската асоцијација на Велс, Ноел Муни, рече дека спроведувањето на правилото за шест секунди „се изгуби со текот на времето“ и се надеваат дека новото правило ќе доведе до намалување на губењето време во текот на натпреварите, пишува „Би-би-си“.
Правилото веќе беше пробано во над 400 меча во три различни натпреварувања, вклучувајќи ја и Премиер-лигата 2. Според новата одлука, судиите ќе ги предупредуваат голманите со одбројување од пет секунди пред да бидат казнети.
– Имавме тест и тој беше многу успешен. Судиите не мораа да досудуваат корнер често – рече генералниот секретар на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Матијас Графстром, пренесе „Би-би-си“.
ИФАБ, исто така, гласаше за продолжување на испитувањата за офсајд во кои напаѓачот нема да биде во офсајд ако неговото торзо е израмнето со претпоследниот одбранбен играч, пишува „Би-би-си“. Н.М.