Во Англија има тимови што сѐ повеќе се подготвени да преземаат ризик во и околу сопствениот шеснаесетник во обид да го надминат притисокот од противниците и да најдат простор понатаму на теренот, но секој кикс е толку полн со опасност што често ги остава набљудувачите да се прашуваат дали вреди да се ризикува за наградата, пишува „Скај спорт“. Просечното растојание за додавање е намалено во претходните сезони, бидејќи тимовите се откажуваат од долгите директни додавања во корист на покомплексна градба на нападот. Растојанието на додавањата е значително намалено и од голманите
ФУДБАЛ
Тактиката за градење на акциите од задната линија е карактеристика на фудбалската сезона досега во Англија, со тимови што сѐ повеќе се подготвени да преземаат ризик во и околу сопствениот шеснаесетник во обид да го победат притисокот од противниците и да најдат простор понатаму на теренот, но секој кикс е толку полн со опасност што често ги остава набљудувачите да се прашуваат дали вреди да се ризикува за наградата, пишува „Скај спорт“.
– Работата, навистина, е да ја однесете топката, квалитетно, до нозете на вашите напаѓачи што е можно побрзо. Многу тимови заборавија дека тоа е суштината на фудбалот – вели Гери Невил, кокоментатор за „Скај спорт“.
На мечот со Ливерпул, за 15 минути, Марио Лемина од Вулверхемптон, кој дојде во улога на централен бек, имаше најмногу допири со топката, не заостанаа голманот Сем Џонстон и уште еден дефанзивец Тоти, но клучните напаѓачи Хи-Чан Хванг и Матеус Куња беа гладни за топка, пишува „Скај спорт“. Тренерот Гери О’Нил самиот рече дека неговиот тим направил грешки при одлучувањето, но идејата сега е распространета во англискиот фудбал.
Просечното растојание за додавање е намалено во претходните сезони, бидејќи тимовите се откажуваат од долгите директни додавања во корист на покомплексна градба на нападот. Растојанието на додавања од голманите е значително намалено, за повеќе од четири метри во просек од пред три години.
Не е само Премиер-лигата место каде што може да се видат играњето од назад и очигледните грешки кога ќе тргне наопаку, пишува „Скај спорт“. Во дивизиите Чемпионшип, Лига 1 и Лига 2, исто така, се забележа драматично зголемување на процентот на кратки додавања што ги играат тимовите во нивната половина. Бројот на загубени топки што доведоа до шут за противнички тим го следеше примерот.
Со одиграни 15,8 отсто од сезонава, тимовите веќе направиле 25 отсто од вкупните грешки што доведоа до голови и удари, кои ги имаше во минатата сезона. Но фрустрациите околу примената и стапката на успех на оваа високоризична стратегија се чини дека ќе бидат клучна тема сезонава, пишува „Скај спорт“.
– Се справувате со ризикот да почнувате акција во последната третина од теренот, но потоа мора да го искористите максимумот од тоа, за да ги доведете вашите играчи во ситуации еден на еден. На крајот станува збор за обидот евентуално да се изолираат играчите во два против два и еден против еден погоре, за да си дадете повеќе простор за напад. Потребна е топка под висок притисок и голманот треба да се вклучи, кога притисокот не е на највисоко ниво има шанса да се пробиете напред, но тоа не се случува секогаш. Понекогаш е потребно подолго додавање за да се пробие првата линија на притисок, но понекогаш треба да се вратите назад за да го извлечете притисокот. Фудбалот е игра на грешки. Не успевате постојано и повеќето од вашите напади не успеваат, бидејќи тоа е игра со ниски резултати. Но треба да внимавате на целта и ефективно да продолжите да работите на неа за да ја пронајдете таа бројна предност – вели Греам Потер, поранешен тренер на Брајтон и Челси, пренесе „Скај спорт“. Н.М.