Од 2016 година, македонскиот фудбал проби неколку бариери, како што се деби на младинско европско првенство, прво учество воопшто во бараж за сениори, деби на сениорски европски шампионат, највисоки пласмани во квалификации со некои статистички рекорди, а вечерва следува и првиот настап во бараж за пласман на светско првенство. Италија е светски фудбалски гигант, има голем број планетарни ѕвезди, игра дома, но… Фудбалот честопати е непредвидлив, особено кога станува збор само за еден меч. Македонија во Палермо ќе игра растоварена, со желба за нов триумф. „Се работи за еден меч на кој сѐ е отворено. Нашите фудбалери треба да уживаат, да покажат дека не сме случајно меѓу најдобрите 20 во Европа. Ќе биде тешко, но не и невозможно. Нема лесен меч на ова ниво“, вели селекторот Милевски
ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022, ВЕЧЕРВА НАТПРЕВАР СО ИТАЛИЈА
Во период од 16 месеци, македонската фудбалска репрезентација ќе го одигра и третиот историски натпревар, овој пат на гости кај Италија, вечерва во Палермо (20.45 часот, пренос Спорт клуб), во полуфиналето на баражот за пласман на Светското првенство (СП) годинава во Катар.
Претходно, во ноември 2020 година, македонската селекција првпат обезбеди пласман на едно европско првенство (ЕП), победувајќи ја во тој историски бараж-дуел Грузија на гости со 1-0 со што, лани, во јуни, Македонија одново се најде на место на кое претходно никогаш не била, на континенталното првенство, во групата во која се сретна со Австрија, Украина и со Холандија. Вечерва црвено-жолтите пак ќе играат меч со историска тежина, но првпат во бараж за светско првенство и се, како никогаш досега, на 180 минути до пласман на најголемата фудбалска смотра, на еден мундијал.
Репрезентативниот македонски фудбал неколку години е во подем. Мразот го пробија младите, селекцијата за фудбалери до 21 година, која во 2016 г. супериорно, како прва во групата, директно се пласира на Европското првенство во 2017 година во Полска, меѓу 12-те најдобри на Стариот Континент. Потоа следуваше пробивање нова бариера, сениорската репрезентација беше трета во квалификациска група (за ЕП 2020), надминувајќи го најчестото и дотогаш највисоко, четврто место во кои било квалификации (за ЕП или за СП).
Но тоа ни оддалеку не беше крајниот дострел, па Македонија во ноември 2020 година победи во баражот (до тој меч Македонија стигна како првопласирана во групата во Лигата на нациите, лига Д, што значеше и нов успех, пласман во повисок ранг, во лигата Ц, во тоа натпреварување), а потоа лани првпат настапи и на сениорско европско првенство.
И тука не завршува нагорната линија, оти сега црвено-жолтите одново се таму каде што никогаш досега не биле, па откако првпат беа втори во квалификациска група (овој пат за СП 2022, со рекорден број бодови, победи и голови) на прагот се до настап и на светски шампионат, со првото учество во бараж за пласман на еден мундијал.
Во својата историја, сениорската фудбалска репрезентација на Македонија одигра повеќе меча, своевидни меѓници, како што се, на пример, гостувањето во Словенија на 13 октомври 1993 година (победа со 4-1), на првиот меч на црвено-жолтите, потоа во септември следната година дома со тогашниот европски првак Данска (1-1), во првиот натпревар во едни квалификации, потоа со Кипар во декември 1994 година во Скопје за прва квалификациска победа (3-0), во ноември 1996 година со Лихтенштајн за прва гостинска победа во квалификации и за рекорден триумф (11-1)…, пред и потоа се ремијата со, на пример, Белгија, Англија, Холандија, Италија, Португалија…, победите над Република Ирска, Шкотска, Велс, Данска, Хрватска, Грузија, Германија…, дебито на ЕП 2020 со Австрија… А сега, следува дуелот со Италија, со мундијалска тежина.
Италија е светски фудбалски гигант, со четири титули планетарен првак и два трофеја за европски шампион, од кои вториот беше освоен лани. Во составот тие имаат голем број светски ѕвезди, играат и дома, но… Фудбалот честопати е непредвидлив, особено кога станува збор само за еден меч. Македонија во Палермо ќе игра растоварена, со желба за нов триумф.
– Се работи за еден натпревар со Италија на кој сѐ е отворено. Нашите фудбалери треба да уживаат во овој бараж, да покажат дека не сме случајно на ова место и меѓу најдобрите 20 репрезентации во Европа. Италија е селекција што е во „топ пет“ по квалитет, актуелен европски првак. Меѓутоа секоја селекција има свои силни и слаби страни, така е и со нашиот следен противник, наше е да успееме да го искористиме тоа. Ќе биде тешко, но не и невозможно. Нема лесен натпревар на ова ниво – вели селекторот Благоја Милевски.
Победникот од дуелот во Палермо ќе игра во вторник во финалето за пласман на СП 2022, на гости кај победникот од мечот Португалија – Турција. Г.М.;Л.Д.
ИТАЛИЈА – МАКЕДОНИЈА
Квалификации за СП 2022, бараж, полуфинале
Стадион: „Ренцо Барбера“ во Палермо
Капацитет: 36.365 гледачи
Почеток: 20.45 часот
Судија: Клемен Турпен (Франција)
ФУДБАЛСКИ УСПЕСИ ВО ПРЕТХОДНИТЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ
2016 г., октомври обезбеден директен пласман на младинско ЕП
2017 г., јуни деби на младинско ЕП
2018 г. ноември пласман од лигата Д во лигата Ц на Лигата на нациите
2019 г., ноември првпат трето место во квалификации (за ЕП)
2020 г., ноември обезбеден пласман на ЕП преку деби во еден бараж
2021 г., јуни деби на сениорско ЕП
2021 г., ноември првпат второ место во квалификации (за СП)
2022 г., март првпат настап во бараж за пласман на СП
Стратев: Македонија не е без шанси за победа
Италија е во предност, игра дома, има квалитетни, искусни фудбалери, актуелен европски првак е. Се игра само еден меч и иако не е од ист ранг и значење како оној во квалификациите за Светското првенство против Германија, Македонија покажа дека може де биде рамноправна и со најдобрите во Европа и во светот. Во оваа македонска селекција има доста играчи што настапуваат за силни тимови и лиги, имаат искуство од Европското првенство лани, а не им недостигаат ниту мотивација и желба за надигрување. Постои тензија пред вакви важни натпревари, тоа е нормално, но македонските фудбалери ми дејствуваат доста смирено, би рекол дека се реални оптимисти. Очекувам да одиграат максимално ангажирано, борбено и мислам дека не се без шанси за победа на овој меч, вели Зоран Стратев, поранешен истакнат тренер и селектор, сега координатор на младите селекции на Македонија.
Стојковски: Треба да се искористат своите шанси
Голем, важен, нов историски меч за Македонија. Играме против една од најдобрите светски репрезентации, актуелен европски првак, со екстра-квалитетни фудбалери, на гости. Тоа значи дека Италија е голем фаворит, но мислам дека Македонија не смее да се потцени и оти може да изненади. Потребно е, пред сѐ, да одиграме максимално ангажирано и дисциплинирано и да ја чекаме нашата шанса. Тие ќе бидат под многу поголем притисок, од нив се очекува победа и ништо друго, па Македонија, која и со играњето во баражот забележа голем успех, нема што да загуби, треба да ја чека и да ја искористи својата шанса да го казни противникот. Грешки не се дозволени на вакви нокаут-дуели, треба да се игра мудро, борбено, да се даде сѐ од себе и да се искористат слабите страни на противникот, вели Митко Стојковски, стрелец на првиот гол за Македонија во квалификации (со Данска, 1-1, за ЕП 1996).
Јовановски: Притисокот е врз Италија
Констатацијата дека Македонија нема што да загуби, а може многу да добие од мечот со Италија, често е повторувана, но мислам дека е потполно точна. Психолошки, „азурите“ ќе бидат под голем притисок, немаат право на кикс, и затоа многу сериозно ја сфаќаат Македонија. Во тоа имаат удел и двата претходни меча, во Скопје, кога се провлекоа и победија во последната минута со 2-3, потоа и во Торино, кога беше 1-1, како и настапот на ЕП и одличните квалификации за СП. Немам сомнежи дека Македонија ќе одигра максимално ангажирано и дека ќе биде сериозен противник. Италија важи за голем фаворит, игра дома, како поради реномето, така и поради поголемиот избор на квалитетни и искусни играчи, но и Македонија, иако без Елиф Елмас и Тихомир Костадинов, не смее да се отпише, рече Ѓоре Јовановски, поранешен фудбалер на Вардар, истакнат тренер и поранешен селектор на Македонија.
Бошковски: Се игра еден меч, сѐ е можно
Постојат многу емоции пред вакви ретки натпревари во кариерата за секој играч. Мислам дека кај Италија е императивот да се победи, оти Македонија е во нешто подобра ситуација на тој план и дека во мечот ќе влезе порастоварено. Што може да биде решавачко? Треба, пред сѐ, да се издржи притисокот во првите 20-30 минути од натпреварот и да не се прими гол, да се игра мирно и дисциплинирано и да се чека својата шанса. Може да проработи нервозата кај Италијанците, ако не постигнат рано гол, тоа треба да се искористи. Факт е дека Италија е фаворит, дека реално е поквалитетна, но се игра само еден натпревар и сѐ може да се случи, ни изјави Зоран Бошковски, стрелецот на првиот, историски гол за фудбалската репрезентација на Македонија, на мечот одигран на гости кај селекцијата на Словенија, во пријателскиот натпревар на 13 октомври 1993 година.