Искачувањето на 44-годишниот тренер на Клуб Бриж беше брзо и импресивно и сега за него зборуваат како за еден од „најбараните тренери“ во Европа
Своевремено изгледаше како изненадувачки ангажман за полупрофесионалниот Хаверфордвест од најсилната лига на Велс, а три години подоцна менаџерот што им се придружи на новогодишната ноќ во 2021 година ја води својата сегашна екипа во осминафиналето на фудбалската Лига на шампионите против Астон вила, што се чини едвај за верување, пишува „Би-би-си“. Ники Хајен беше првиот Белгиец во велшката Премиер-лига и останува еден од неколкуте менаџери што не се Британци што го направија тоа.
Искачувањето на 44-годишниот тренер во последните фази од највисокото европско натпреварување со Клуб Бриж, кој во плејофот го совлада победникот на Лига Европа, Аталанта, беше брзо и импресивно. Сега за него зборуваат како за еден од „најбараните тренери“ во Европа, пишува „Би-би-си“. Малкумина од 273-те присутни на стадионот „Бриџ Медоу“, кога Хајен ја забележа најголемата победа на домашен терен во неговиот мандат во Хаверфордвест, би предвиделе дека нивниот тренер ќе биде во таков разговор само неколку години подоцна. Но за претседателот на Хаверфордвест, Роб Едвардс, кој останува близок пријател со Хајен, тоа не е изненадување.
– Момчето беше работохолик. Ќе се разбудев во осум часот, а тој беше облечен, гледајќи снимки од ривалите, правеше анализи. Легнував во 23 часот, а тој остануваше, гледаше снимки и правеше анализи – се сеќава Едвардс, чија куќа ја делеше со Хајен додека живееше во западен Велс.
Хајен е поранешен одбранбен фудбалер, кој одигра повеќе од 400 натпревари во Белгија и во Холандија. Искуството и професионализмот што Хајен им ги донесе на играчите со скратено работно време имаа непосредно влијание, носејќи ги од претпоследното место до границата за европскиот плејоф за помалку од шест месеци, применувајќи пристап базиран на посед на топка и додавања, ретко виден во Првата лига на Велс, пишува „Би-би-си“.
– Можеше да се види влијанието што тој го имаше врз играчите. Тој не се обидуваше да ги претренира, само им даваше многу детални статистики за противниците, многу детални анализи. Тој го трошеше своето време за да ги запознае играчите. Беше многу методичен. Прашуваше за нивната благосостојба, беше загрижен и за менталната страна на играта. Успеа да извлече навистина неверојатен стандард од играчи за кои веројатно не сме знаеле дека го имаат тоа во нив. За мене, тоа беше огромна крива на учење да работам со некој на тоа ниво, но тој беше многу мирен. Тој не викаше во соблекувалната, тој зборуваше, а вие слушавте. И покрај тоа што не беше најгласен, најагресивен, тој имаше аура, само сакавте да го слушате. Беше фокусиран на фудбалот – вели Едвардс.
Кога во 2022 година пристигна понуда од Клуб Бриж да го преземе тимот до 23 години, се покажа невозможно за Хајен да одбие, тој влезе како асистент во првиот тим откако Скот Паркер беше сменет во 2023 година, пред да ја добие шансата како привремен тренер кога Рони Деила си замина минатиот март.
– Кога Деила се повлече на 10 натпревари до крајот на минатата сезона, Ники се вклучи и победи на девет од тие меча и ја освоија титулата. Тоа беше вистински печат. Она што го постигна во Лигата на шампионите е едноставно неверојатно. Тој е работохолик, фанатик и предводник. Претпоставувам дека тоа е причината зошто многу од овие помлади играчи што доаѓаат работат толку напорно за него и имаат голем успех – вели Едвардс. Н.М.