Барселона последен пат играше во финалето на ЛШ во 2015, кога го победи Јувентус, додека Интер во 2023, кога загуби од Манчестер сити. Арсенал и ПСЖ никогаш не триумфирале во ЛШ иако имаат играно по еднаш
ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Натпреварувањето во Лигата на шампионите (ЛШ) продолжува со реванш-дуелите од полуфиналето, каде што италијански Интер ќе биде домаќин на шпанска Барселона (вечерва 21 ч.), додека англиски Арсенал ќе игра на гостински терен во Париз против ПСЖ (утре, 21 ч.).
Како што е познато, првиот натпревар од двомечот меѓу Барселона и Интер заврши нерешено 3-3, иако Интер прво водеше со 2-0, а потоа и со 3-2. Тренерот на Интер, Симоне Инзаги, изјави дека, и покрај тоа што не успеал да го задржи водството, е задоволен од играта на својот тим.
– Момците одиграа многу добро на гости. Сега ќе имаме финале пред финалето, а победникот ќе игра уште еден натпревар, додека поразениот ќе си оди дома – рече Инзаги.
Тренерот на Барселона, Ханси Флик, ја обвини лошата дефанзивна игра на своите играчи во првиот натпревар од двомечот, додавајќи дека неговиот тим мора да победи во реваншот.
– Нè очекува реванш и мора да го добиеме. Ова е финале е пред финалето. Имаме 90 минути за да стигнеме до него, тоа е нашата цел. Имаме шанса – рече Флик по првиот меч од полуфиналето.
Барселона последен пат играше во финалето на ЛШ во 2015 година, кога го победи Јувентус, додека Интер тоа го стори последен пат во ова меѓународно натпреварување во 2023 година, кога загуби од Манчестер сити.
И двата тима влегуваат во реваншот по победите во националните првенства. Интер ја победи Верона со 1-0 и остана три бода зад првопласираниот Наполи, додека Барселона се врати во игра и го победи Валјадолид со 2-1 и со тоа ја задржа предноста од четири бода пред второпласираниот Реал Мадрид. Каталонскиот клуб ќе му биде домаќин на Реал Мадрид пет дена по реваншот со Интер, во 35-то коло од тамошната Ла лига.
Арсенал ќе игра на гостински терен против ПСЖ, утре (21 ч.). Францускиот клуб го доби првиот натпревар од двомечот во Лондон со 1-0, што секако претставуваше и мало изненадување. Тренерот на Арсенал, Микел Артета, по натпреварот изјави дека целосно верува оти неговиот тим може да го добие реваншот и дека ќе биде потребно да се направи нешто извонредно во некоја фаза од играта, ако сака да се квалификува во финалето на ЛШ.
– Одиме во Париз по победа и целосно верувам дека можеме да ја оствариме. Ќе имаме шанси и ќе мора да бидеме многу опасни кога ќе ни се укажат. Ако сакате да ја освоите ЛШ или да бидете во финалето, мора да направите нешто извонредно во некоја фаза од натпреварувањето. Тоа е она што треба да го испланираме и да го направиме кога ќе стигнеме во Париз – смета Артета.
Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, по првиот натпревар од двомечот рече дека неговиот тим го покажал својот вистински менталитет и додаде дека очекува многу тежок и резултатски тесен втор дуел.
И двата тима влегуваат во реваншот откако загубија во своите првенства. Арсенал од Борнмут (1-2), додека Пари сен Жермен, кој веќе го освои француското првенство од Стразбур (1-2). И двата клуба никогаш не ја освоиле ЛШ, а имаат играно по еднаш во финалето на ова натпреварување. ПСЖ во 2020 година, додека Арсенал во 2006 година. Финалето на ЛШ годинава е закажано на 31 мај во германскиот град Минхен. Г.И.