Фото: ЕПА

Од Европа досега се пласираа 10 клуба, а за двете преостанати места во игра се Арсенал, ПСВ Ајндховен, Салцбург, Барселона и Атлетико Мадрид

ФУДБАЛ

Јувентус од Италија се пласира на фудбалското клупско Светско првенство (СП) и сега има уште две слободни места за клубови од Европа, за кое конкурираат пет клуба. На новото клупско СП, кое треба да се игра в година, во САД, на кое првпат ќе играат 32 тима од секоја од шесте конфедерации, Европа ќе биде претставена со 12 екипи.
Досега 10 клуба од Стариот Континент обезбедија пласман, и тоа три како европски прваци во минатите три сезони и уште седум тима преку клупското рангирање на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Победата на Барселона на дуелите со Наполи во осминафиналето на Лигата на шампионите значи дека Јувентус сега има обезбедено место на светскиот турнир преку ранг-листата, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Претходно на СП 2025 се пласираа Манчестер сити, Реал Мадрид и Челси како европски шампиони во минатите три сезони, како и Баерн, Пари сен Жермен, Интер, Порто, Бенфика, Борусија Дортмунд и сега Јувентус преку клупската ранг-листа на УЕФА, врз основа на нивните перформанси во Лигата на шампионите во изминатите четири сезони, вклучувајќи ја и тековната, пишува ФИФА.

Победникот на тековното издание на Лигата на шампионите ќе освои едно место, а уште едно најдобропласираната екипа на ранг-листата на УЕФА. Во случај некој клуб да победи на две или повеќе изданија на Лигата на шампионите, во периодот од 2021 до 2024 година (тоа сега можат да го направат Манчестер сити и Реал Мадрид), тогаш ранг-листата ќе се користи за пласман на СП 2025, пишува ФИФА.
За учество на клупското Светско првенство в година се применува ограничување, па можат да учествуваат најмногу два клуба од една земја, со исклучок во случаите кога повеќе од два клуба од иста земја го освојуваат најдоброто клупско натпреварување на конфедерацијата во период од четири години.
Според тоа, Англија веќе има два сигурни клуба, Манчестер сити и Челси, а трет би можел да биде Арсенал, ако триумфира сезонава во Лигата на шампионите. Од Германија двата тима се Баерн и Борусија Дортмунд, од Италија тоа се Интер и Јувентус, од Португалија се пласираа Порто и Бенфика, а Франција има еден претставник, Пари сен Жермен.
Од Шпанија сигурен е Реал Мадрид, како европски првак во 2022 година, а потенцијални кандидати се Барселона и Атлетико Мадрид. И двата клуба можат да се пласираат на клупскиот Мундијал преку двете патеки, пишува Светската фудбалска федерација.

Салцбург (Австрија), кој моментно е на 18-то место на европската ранг-листа и сега не настапува во Лигата на шампионите, би можел да имаат корист од правилото според кое најмногу два клуба од една земја можат да се пласираат на Светското првенство за клубови, освен ако има три различни континентални прваци од иста земја, па, со оглед на тоа што Италија, Шпанија и Германија ќе имаат најмногу по двајца претставници, освојувањето на титулата во Лигата на шампионите за кој било тим освен ПСВ Ајндховен (Холандија) или Арсенал (Англија) сезонава, ќе обезбеди Салцбург да се пласира на клупското Светско првенство во 2025 година во САД, пишува ФИФА. Н.М.


ДОСЕГА ПЛАСИРАНИ ОД ЕВРОПА НА СП 2025

КЛУБ (ЗЕМЈА) НАЧИН НА ПЛАСМАН
Челси (Англија) европски првак во 2021 г.
Реал Мадрид (Шпанија) европски првак во 2022 г.
Манчестер сити (Англија) европски првак во 2023 г.
Баерн (Германија) ранг-листа на УЕФА
Борусија Д. (Германија) ранг-листа на УЕФА
Пари сен Жермен (Франција) ранг-листа на УЕФА
Порто (Португалија) ранг-листа на УЕФА
Бенфика (Португалија) ранг-листа на УЕФА
Интер (Италија) ранг-листа на УЕФА
Јувентус (Италија) ранг-листа на УЕФА

КАНДИДАТИ ЗА ПЛАСМАН
Арсенал (Англија) преку ЛШ
ПСВ Ајндховен (Холандија) преку ЛШ
Барселона (Шпанија) преку ЛШ или ранг-листата
Атлетико М. (Шпанија) преку ЛШ или ранг-листата
Салцбург (Австрија) преку ранг-листата
Европа вкупно ќе има 12 клуба на СП 2025