ФУДБАЛ – ЕРЛИНГ ХОЛАНД ЗА РЕКОРДОТ НА АЛАН ШИРЕР
- Не знам никакви рекорди, но овој го знам. Тоа е рекордот во Премиер-лигата. Тоа е последното нешто на кое помислувам. Само се обидувам да му помогнам на тимот да победува на фудбалски натпревари. Тоа е мојата работа и тоа е мојот главен фокус. Знам дека е здодевно. Знам дека сакате да кажам сосема спротивно, но не е така, рече Холанд
Ерлинг Холанд веќе го држи рекордот за голови во една сезона во англиската фудбалска Премиер-лигата, веќе има повеќе од двојно повеќе голови од кој било друг играч во лигата сезонава (13 на 10 натпревари), најбрзо стигна до 50 гола…, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Напаѓачот на Манчестер сити рече дека иако не е човек што се стреми кон специфични рекорди, има еден посебен рекорд што добро го познава, 260-те гола во кариерата на Алан Ширер во Премиер-лигата (на 441 меч), пишува АП. Холанд досега постигна 98 погодока на 107 првенствени средби за Манчестер сити.
– Го знам тој рекорд. Всушност не знам никакви рекорди, но овој го знам. Тоа е неговиот рекорд во Премиер-лигата, да. Тоа е последното нешто на кое помислувам. Само се обидувам да му помогнам на тимот да победува на фудбалски натпревари. Тоа е мојата работа и тоа е мојот главен фокус. Знам дека е здодевно. Знам дека сакате да кажам сосема спротивно, но не е така – рече тој пред натпреварот синоќа со Борусија Дортмунд во Лигата на шампионите.
Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, го наведе скромниот пристап на Холанд како една од причините зошто го именува за заменик-капитен сезонава.
– Тешко е да се најде вистински играч од светска класа, или ѕвезда, што е неверојатно скромен и размислува што е најдобро за тимот. Тешко е да се најде играч што постигнува голови и што има ваков вид способност или талент, или би рекол дарежливост или љубезност. И Холанд е таков. Беше изненадување. Нормално, напаѓач само размислува за гол, гол, гол – рече Гвардиола.
Бројките на Холанд доведоа до споредби со Лионел Меси и со Кристијано Роналдо. Па, дали се гледа себе како се приближува до нивното ниво?
– Не, воопшто не. Далеку. Никој не може да се приближи до нив двајца. Значи, не – рече тој, пренесе АП. Н.М.

































