ФУДБАЛ
Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, е среќен што наскоро ќе започне сослушувањето за 115-те обвиненија со кои се соочува клубот од Лондон. Независна дисциплинска комисија треба да го сослуша за случајот против Манчестер сити поради наводно прекршување на финансиските правила во Премиер-лигата, од кои некои датираат дури од 2009 година.
Според лондонски „Би-би-си спорт“, сослушувањето треба да започне во септември, а резултатот ќе биде веројатно познат на почетокот на следната година, како што прв објави „Тајмс“. Манчестер сити ги отфрли сите обвиненија и соопшти дека се поддржани од „тело на непобитни докази“.
– Среќен сум што ќе започне наскоро и се надевам дека ќе заврши наскоро во корист на сите нас. Особено за нашиот клуб, но и за сите други клубови од Премиер-лигата, како и за сите луѓе што не ја чекаат казната. Посакувам длабоко од моето срце да одам на тоа судење кај независната комисија и што е можно поскоро објавете го она што ќе се случи, a ние ќе прифатиме како и секогаш што сме правеле – рече Гвардиола.
Гвардиола ја отфрли идејата дека ситуацијата околу сослушувањето може да влијае на перформансите на клубот на теренот.
– Не, ние веќе три или четири години зборуваме за тоа – додаде тој.
Сега поминаа 18 месеци откако Сити беше обвинет по четиригодишна истрага, а извршниот директор на Премиер-лигата, Ричард Мастерс, неодамна изјави за „Би-би-си спорт“ дека „сега е време случајот да се реши“.
Во посебен правен случај Манчестер сити исто така презема мерки против Премиер-лигата поради заострените правила на организацијата за „фер“ спонзорски договори, а исходот се очекува во следните неколку недели. Г.И.
Временска историја на обвиненијата
Ноември 2018: Германскиот весник „Дер шпигел“ објави тврдења дека Сити ги прекршил правилата на Финансискиот ферплеј на лигата (ФФП). Март 2019: УЕФА започна формална истрага поради наодите на „Дер шпигел“. Мај 2019: Сити ја критикуваше истрагата и започна процес на жалба. Ноември 2019: Судот за спортска арбитража (Кас) смета дека жалбата на Сити е неприфатлива. Февруари 2020: УЕФА објави двегодишна забрана од европските натпреварувања и казна од 30 милиони евра за клубот. Јули 2020: Европската забрана на Сити беше поништена по жалбата на Кас. Јули 2021: Сити ја загуби судската пресуда, што им дозволува на медиумите да известуваат дека Премиер-лигата продолжува да ги истражува шампионите за наводни финансиски прекршувања. Април 2022: „Дер шпигел“ објави нов извештај во кој тврди дека Премиер-лигата го истражува клубот три години, давајќи детални тврдења. Февруари 2023: Премиер-лигата го обвинува Сити за 115 финансиски прекршоци. 2024: Пријавен датум на потенцијално правно судење за Правила за профитабилност и одржливост (ПСР) помеѓу Премиер-лигата и Сити. Лето 2025: Пријавен датум на пресуда за судењето поврзано со 115 обвиненија.