Досега се поставени голгетерски и други тимски и индивидуални рекорди, потоа
рекорди во посетеност на мечевите, како и на каналите на социјалните медиуми со над четири пати повеќе следбеници. „Женскиот фудбал е на повисоко ниво од кога било“, вели Хоп Пауел, поранешна селекторка на Англија

ФУДБАЛ

Групната фаза на Европското првенство (ЕП) за фудбалерки што се игра во Англија беше обележано со рекорди на теренот и надвор од него, нови бројки за висока посетеност, вкупно постигнати голови, број на веб-пребарувања и многу повеќе, објави Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. На теренот, 14-те гола на Англија во групната фаза се рекорд на сите времиња, Англичанката Бет Мид стана првата што постигнала пет гола во групната фаза, а заедно со Германката Александра Поп е првата со постигнат гол во сите три натпревари во групата… Меѓутоа, ако бројките на теренот беа импресивни, бројките од другата страна на линиите на теренот беа уште поимпресивни. Дури и пред почетокот на турнирот беа продадени рекордни 500.000 билети (повеќе од двојно од претходното најдобро од 240.055 на ЕП 2017) и високи 68.871 на воведниот натпревар (Англија – Австрија), повеќе од претходното најдобро од 41.301 на финалето на ЕП 2013 во Солна. Тој рекорд, најверојатно, повторно ќе биде соборен во финалето на стадионот „Вембли“.
Вкупно, 369.314 гледачи купиле билети за натпревари во групната фаза, во просек над 15.300, повеќе од претходниот рекорд од 240.055 на ЕП 2017, а соборен по 16-от меч од 31 на ЕП 2022. Рекордот на посетеност за меч од групната фаза во кој не е вклучен домаќинот беше соборен трипати, 16.819 на Шпанија – Финска, 21.342 на Холандија – Шведска и 22.596 на Холандија – Швајцарија. Тој ентузијазам за турнирот се рефлектира и во 90.000 луѓе за навивачките забави пред натпреварите.
Со сите официјални статистики и информации за натпреварите, официјалната интернет-страница на ЕП 2022 и мобилната апликација станаа дестинации број еден за навивачите и за медиумите, добивајќи над 5,25 милиони посети (и речиси 20 милиони прегледи на страници) досега, повеќе од двојно поголем број во истата фаза од ЕП 2017. Каналите на социјалните медиуми, исто така, ја зголемуваат страста за ЕП 2022, над четири пати повеќе следбеници се стекнати на официјалните канали на Твитер, Фејсбук, Инстаграм, Тик ток и Снапчет од почетокот на ЕП, во споредба со еквивалентната фаза на настанот во 2017 година.

– Ова ЕП за фудбалерки е она на што сите целиме и се надевавме. Тоа е рекордно од почеток до крај и ја крева границата на ново ниво досега невидено од секој аспект, без разлика дали е на спортски или на организациски план. Ќе видиме соборени уште повеќе рекорди – вели шефицата на УЕФА за женски фудбал, Надин Кеслер.
Тактиката со висок пресинг, пак, беше една од темите што произлегоа од извештаите на техничките набљудувачи на УЕФА по групната фаза.
– Врвните репрезентации беа многу добри во одбраната на половината на противникот и тоа е поткрепено со статистика – вели Јармо Матикаинен.
Франција, Шведска и Шпанија беа на врвот на оваа ранг-листа, а Германија привлече пофалби од набљудувачите затоа што, како што рече Матикаинен, „тие не само што беа ефикасни во нивниот висок пресинг туку беа и еднакво удобни и ефикасни кога избраа да се бранат во блок од средниот ред или, како што покажаа против Шпанија, кога требаше да се бранат длабоко во својата половина“. Со оглед на тоа што стратегиите со висок пресинг стануваат сѐ поприсутни, способноста на тимовите да играат под притисок сериозно се тестира за време на турнирот во Англија.
– Женскиот фудбал е на повисоко ниво од кога било. Можноста да се биде спортист со полно работно време им овозможи на фудбалерките да ги вежбаат и усовршат своите способности како фудбалери, подобрувајќи ја играта во сите аспекти: технички, тактички и физички – вели Хоп Пауел, поранешна селекторка на Англија, пишува УЕФА.


Германија прва со 10 полуфиналиња на ЕП

Германија обезбеди пласман во полуфиналето на Европското првенство (ЕП) за фудбалерки со победата над Австрија со 2-0, на стадионот на Брентфорд во Лондон. Германките се првата репрезентација што по 10-ти пат е меѓу најдобрите четири на европските првенства.
Вториот гол за Германија на мечот со Австрија, на 117-от натпревар, го постигна Александра Поп, напаѓачка на Волфсбург, која се врати по долгата пауза поради повреда. Таа постигнува гол на четири последователни натпревари на ЕП 2022, со што го израмни рекордот на Хајди Мор, која го направи тоа помеѓу 1989 и 1993 година.
Германките, кои ја освоија титулата на осум од 12-те ЕП, немаат примено гол на девет од претходните 11 меча на ЕП. Противник на Германија во полуфиналето в среда ќе ѝ биде подобриот од утрешниот меч Франција – Холандија. Во другата полуфинална двојка, Англија ќе игра со победникот од мечот синоќа помеѓу Шведска и Белгија. Л.Д.