- За разлика од намената на жолтите и на црвените картони за дисциплинска постапка, зелениот картон се користи за повикување на системот фудбалска видеоподдршка, алтернативен систем на системот ВАР. Оваа новина се тестира и на младинскиот Мундијал што е во тек во Чиле
Фудбалот е навикнат на жолтите и на црвените картони, но што е со зелениот картон? Тоа е новина во тој спорт, откако се тестира на Светското првенство за фудбалери до 20 години во Чиле, кое е во тек, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
На тоа младинско Светско првенство првиот зелен картон на турнирот беше искористен во дуелот во кој Мароко ја победи Шпанија со 2-0 во неделата. Селекторот на Мароко ја оспори одлуката на судијата, кој досуди пенал против неговата репрезентација, а откако судијата ги разгледа снимките од ситуацијата за пенал, одлуката беше поништена, пишува ИОК.
За разлика од намената на жолтите и на црвените картони за дисциплинска постапка, зелениот картон служи при судењето натпревари. Се користи за повикување на системот фудбалска видеоподдршка (ФВС), алтернативен систем на системот видеопомошник-судија (ВАР) за турнири и организации што не можат да го користат вториот од мноштво причини, пишува ИОК. Системот фудбалска видеоподдршка служи за истата намена како ВАР, каде што може да се користи само за „јасни и очигледни грешки“ во врска со одлуките за голови, казни, директни црвени картони или погрешен идентитет при доделен црвен картон.
Системот може да се користи само откако судијата ќе донесе одлука, при што еден тим може да ја оспори одлуката со покажување зелен картон на службените лица. Исто како и ВАР, судијата потоа ќе се упати кон монитор и ќе гледа реприза од ситуацијата за која станува збор, за да ја донесе својата конечна одлука, пишува ИОК.
Тренерите може да направат два прегледа на секој натпревар, но ако судиската одлука е поништена (т.е. жалбата е успешна), тогаш тимот не го губи своето право за барање да се прегледа нова ситуација.
Ова не е првиот турнир под раководство на Светската фудбалска федерација (ФИФА) на кој се испробува системот. Тој беше користен на Светското првенство за фудбалерки до 20 години во Колумбија, во 2024 година, како и на младинскиот куп на ФИФА „Сини ѕвезди“, престижен младински турнир што се одржува во Цирих (Швајцарија), пишува Интернационалниот олимписки комитет. Н.М.